Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: Нема поплодотворна инвестиција од онаа во науката и во образованието

Foto 2.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера ги прими професорите – добитници на признанието за посебен придонес за развој на научноистражувачката дејност и интернационализација и афирмација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2022 и 2024 година.

Добитници на плакети за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни трудови, индексирани во базата Web of Science, се: академик проф. д-р Валентин Мирчески, академик проф. д-р Сашко Кедев, проф. д-р Владимир Трајковиќ, проф. д-р Љупчо Пејов, проф. д-р Ефтим Здравевски, проф. д-р Христијан Ѓорески, проф. д-р Петре Макрески, проф. д-р Златко Левков, проф. д-р Трајче Стафилов, проф. д-р Марјан Гушев, проф. д-р Лилјана Гавриловска, проф. д-р Гоце Спасовски и академик проф. д-р Љупчо Коцарев.


Добитници на плакети за меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Stanford University World’s Top 2% Scientists за цела кариера се: академик проф. д-р Валентин Мирчески, академик проф. д-р Љупчо Коцарев, проф. д-р Иван Грозданов, академик проф. д-р Леонид Грчев и проф. д-р Трајче Стафилов и добитничка на плакета за раководење на најголем број меѓународни проекти е проф. д-р Лилјана Гавриловска.

Упатувајќи им честитки за престижните признанија, претседателката истакна дека во науката и образованието линијата меѓу големите и малите држави се релативизира, оти има примери на мали држави со успешно образование и наука.

Според претседателката, наспроти драматичниот пад на УКИМ на Шангајската листа, светски признатите научноистражувачки успеси на горенаведените научници ги прават македонската наука и држава препознатливи и компетитивни во глобални рамки.

Професорите ѝ се заблагодарија на претседателката за поканата и можноста да ги презентираат своите видувања и предлози за унапредување на науката, изразувајќи цврста увереност дека научноистражувачката дејност е главен агенс на општествениот развој. Претседателката и присутните се согласија дека нема поплодотворна инвестиција од онаа во науката и во образованието.

На средбата присутните професори ги презентираа своите научни приказни и видувања. Според нив, на долгиот, тежок и творечки научен пат кон престижни странски универзитети, најчесто биле сами, со своето знаење, научен порив, труд и посакувани резултати.

Дискутантите ја афирмираа обврската на државата континуирано и сигурно да ги поддржува најдобрите студенти, професори и истражувачи, посакувајќи и приватниот сектор да биде нивен сојузник. Сите се согласија дека издвојување од 0,3 отсто е недоволно за научен развој. Укажаа на неопходноста од преиспитување на димензионираноста и квалитетот на македонската високообразовна мрежа, како и неопходноста од заострување на критериумите за напредување во академската кариера, се вели во соопштението.

На средбата биле посочени странски образовни и научни примери на поддршка и стимулирање на најкомпетитивните универзитети, факултети и поединци. Се предложило негување, проширување и интензивирање на образовно-научната соработка на национално, регионално, европско и светско ниво, а особено со нашата научна дијаспора. 

Бројните пречки во користењето на странските средства, според професорите наметнуваат потреба од дебирократизација на сложената постапка за користење и нивно лоцирање кај носителите на конкретната научна активност. За сите учесници, вклучувањето на најзасегнатите, односно професорите, е императив за успешни образовно-научни реформи.

Претседателката, на крајот, истакна дека таа, премиерот и министерката за образование, како долгогодишни професори имаат не само политичка, туку и етичка обврска да застанат на страната на образованието и науката како докажано најважни развојни фактори.

Можете да прочитате

Ризвановиќ: Потребно е да се свика Советот за безбедност по предупредувањето на Мицкоски за подметнувања на пожари

Осумнаесет кандидати во трка за градоначалник на Скопје на локалните избори 2025

Во пожарите во село Крапа изгореле сите овци на локален сточар, граѓаните се организираат да му помогнат