Утрински Весник
Свет

Договорот за стратешко партнерство меѓу Русија и Иран не предвидува создавање воен сојуз

Teheran Iran.jpg

Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Москва и Техеран има за цел да ги развие сите аспекти на билатералните односи, вклучително и одбранбената соработка, но не предвидува создавање воен сојуз, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

– Тоа е навистина сеопфатен договор кој ги допира сите аспекти на билатералните односи, со посебно внимание посветено на економијата и трговијата. Вклучува и соработка во областа на безбедноста и одбраната, но нема за цел да создаде воен сојуз, истакна дипломатот на иранската државна телевизија.


Договорот не е насочен против трети страни и на ниту еден начин не ги ограничува Москва и Техеран да склучуваат договори со други земји, истакна Арагчи.

Иранскиот амбасадор во Русија Казем Џалали претходно изјави дека руско-иранскиот договор ќе биде склучен на 20 години.

Според официјални претставници на двете земји, договорот ги опфаќа сите области на билатералната соработка, вклучително одбраната, антитероризмот, енергетиката, финансиите, транспортот, индустријата, земјоделството, културата, науката и технологијата.

Односите и соработката меѓу двете земји сега се регулирани со договор од 2001 година, склучен на 10 години и автоматски продолжен за периоди од пет години.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков вчера изјави дека договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Русија и Иран ќе биде потпишан по разговорите на претседателите на двете земји на 17 јануари. 

Можете да прочитате

Почина патник за време на лет од Париз

На рудари во нелегален рудник за злато во Јужна Африка им била скратена храна и вода, извлечени се 60 тела

Полскиот премиер тврди дека е постигнат напредок со Украина во врска со спорот од Втората светска војна