Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) реагира повторувајќи дека нема надлежност да ја истражува веродностојноста на сертификатот по англиски јазик на директрот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Од антикорупциската комисија во таа насока велат дека како институција, при разгледување на секој предмет, ги утврдуваат фактите преку информации што ги прибавуваат од други надлежни институции и при носењето на одлуките постапуваат исклучиво во рамките на нивните законски надлежности.
„Во однос на предметот за директорот на АНБ, што се однесува на оспорената факултетска диплома, надлежна иснтитуција што ги утврдува фактите е Државниот просветен инспекторат врз основа на чиј записник од спроведниот инспекциски надзор е донесена одлуката на ДКСК. Во однос на овој случај, сакаме да укажеме дека ДКСК нема надлежност да презема истражни дејства во однос на веродостојноста на сертификатот за познавање странски јазик и тоа прашање е во надлежност на истражните органи“, велат од Комисија.
Што се однесува до членот на ДКСК, Цвета Ристовска, укажуваат дека нејзината соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје била на ниво на гостин предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка. Од таму сметаат дека не постои никаков судир на интерес бидејќи нема никаква поврзност со наведниот универзитет.