Имаме комуникација и одлична соработка со министерствата за внатрешни работи од соседните земји, но официјална потврда за бегалци од правдата не е стигната до МВР од ниедна соседна земја, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со недостапноста на Артан Груби и Перпарим Бајрами за органите на прогонот за случајот со криминал во Државна лотарија.
Во интервју во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, министерот кажа дека не би сакал да шпекулира каде е Груби за кој деновиве, рече, се слушале разни информации каде се наоѓа.
-Но би сакал да верувам во она што се обзнани во јавноста дека ќе се врати во Македонија зашто е чист како солза и затоа што смета дека овие основани сомненија, за кои е отворена истрагата од јавен обвинител, не се така како што ги толкува МВР и Обвинителство… Би сакал да се одважи и, ако е чист како солза, да пристигне во Македонија. МВР има капацитет да ја гарантира неговата безбедност… Ако еден човек толку долго се занимавал со политика, најмалку што може да стори е да ги одложи приватните обврски, ако ги имал, и да се врати во Македонија и во законска постапка да ги докаже своите тези на одбрана. За да се докаже, мора да е достапен на судот, рече Тошковски.
На прашање дали имало „кртови“ во МВР или во Обвинителството кои го известиле Груби за да ја напушти земјата, рече дека има истрага, но дека не може да сподели информации. Соопшти дека во претресите кај недостапните осомничени за криминал во Лотарија се пронајдени поголеми количини суми „пари за кои постојат сомнежи дека дел од средствата кои незаконски се стекнати се употребени за купување на одреден имот во и надвор од Македонија“.
– Но за жал, во овој момент не можам да откријам факти во оваа истражна постапка и не е време да се изнесат во јавноста. Да се остави во законита постапка и процес на правда, а за тоа ни треба време и темелна истрага, рече Тошковски.
За полицаецот Б. Ј. од Граничната полиција, против кого МВР поднесе кривична пријава и е донесено решение за суспензија, рече дека направил „кардинална грешка“ затоа што бил должен да го задржи возилото со кое се превезувал Груби, бидејќи бил на „Стоп листа“, а потоа да го извести надлежниот јавен обвинител за упатства за натамошно постапување.