Резултатите од новиот конкурс за студентски стипендии очекуваме да бидат објавени во текот на следната недела, велат од Министерството за образование и наука (МОН) по упатените прашања од Мета.мк во однос на резултатите од конкурсот и исплатата на првите рати на студентските стипендии.
Дополнително, од ова министерство информираа дека исплата и за постојните и за новите корисници на стипендии ќе има до крајот на месецов.
Студентите кои веќе се корисници на стипендија, можеа истите да ги продолжат и во академската 2024/2025 година до крајот на октомври, додека конкурсот за доделување нови стипендии беше активен до 15 ноември.
И за оваа академска година се предвидени околу 3.000 нови студентски стипендии, поделени во четири категории.
Студентите што аплицирале на конкурсот треба да добијат одговор на самата апликација во системот „е-услуги“ на МОН, додека се очекува резултатите да бидат објавени и на интернет-страницата на министерството.
Првите стипендии за постојните и новите корисници во академската 2023/2024 година беа исплатени дури во февруари годинава, по низата реакции и студентски протест пред зградата на МОН.