Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, пред еден месец се откажал од македонското државјанство и моментално се наоѓа во една од соседните земји, дознава неофицијално ТВ21. Според извори блиски до случајот, Ковачевски поднел барање за српско државјанство и во моментов се наоѓа во Србија.
ТВ21 побара официјална потврда од Министерството за внатрешни работи (МВР) дали Ковачевски навистина се откажал од македонското државјанство, но до овој момент нема добиен одговор.
Оваа информација доаѓа во период кога Ковачевски е еден од осомничените во полициска акција поврзана со злоупотреба на јавен повик за набавка на адитиви, со што на државата ѝ е нанесена штета од 6,5 милиони евра. Неофицијалните податоци укажуваат дека тој е во бегство, што дополнително ја зголемува потребата за брзо разрешување на случајот.
Јавноста со големо внимание го следи овој случај, очекувајќи одговори од институциите за причините и околностите под кои Ковачевски успеал да го промени својот правен статус и да ја напушти земјата.