На 05.12.2024 во просториите на Министерството за внатрешни работи се одржа состанок на раководните структури од Секторите за внатрешни работи при Бирото за јавна безбедност, посветен на темата за враќање на достоинството и интегритетот на полицаецот – столбот на јавниот ред и безбедност.
На состанокот учествуваа началниците на униформираната полиција, раководителите на одделенијата/ отсеците за превенција и раководителите на ЦИК/ЕИК. Главен акцент беше ставен на преземањето на конкретни мерки за подобрување на условите за работа, зголемување на професионалните стандарди, како и заштита на правата и угледот на секој припадник на униформираната полиција.
Притоа, беше истакната важноста на меѓусебната доверба, транспарентноста и ефикасната комуникација помеѓу полициските службеници и граѓаните. Беше нагласено дека само преку континуирано унапредување на стручната подготовка, етичкото однесување и поддршката за полициските службеници, како и грижата за нивното физичко и ментално здравје, може да се обезбеди целосна посветеност, мотивација и гордост во извршување на задачите и подигнување на угледот на полицијата во јавноста.
На состанокот, директорот на БЈБ Александар Јанев истакна дека достоинството на полицаецот започнува со систем кој го вреднува неговиот труд и обезбедува заштита на неговиот личен и професионален интегритет.
Началниците се согласија за потребата од имплементирање на програми за професионален развој и поддршка, како и за создавање на позитивна работна атмосфера во рамките на полициските единици и унифицираност во начинот на работата. Дополнително, беа усогласени чекори за јакнење на дисциплината и залагање за фер и правично третирање на секој припадник на полицијата.
Министерството за внатрешни работи останува цврсто определено да ги зајакне капацитетите на униформираната полиција и да создаде систем каде секој полицаец ќе го чувствува сопствениот придонес вреднуван, а својата улога – почитувана, а сѐ со цел враќање на довербата кај граѓаните и зајакнување на улогата на полицаецот како чувар на јавниот ред и мир.