Утрински Весник
Македонија

Снегот направи големи проблеми – спасувани дете со епилепсија, бремена жена, а службите снемуваа гориво

Sneg.jpg

Жена на кислородна поддршка, заглавена е во викендичка над Хотел „Радика“ во Маврово, но имаат агрегат за струја додека чекаат службите денеска да ги извлечат неа и нејзиниот сопруг и да ја префрлат во болница, соопшти ЦУК утрово.

– Во координација со одговорното лице од ЕЛС Маврово Ростуше договорено е денес околу 9.30 часот да се интервенира во чистење на делницата од 100 – 150 метри се до влезната врата на викендицата, за да може екипа од итната медицинска помош Гостивар да ја преземе и транспортира пациентката до Клиничката болница во Гостивар. За оваа ситуација известени се и ДЗС Гостивар и РЦУК Гостивар – информираат од ЦУК.

Снегот, што бво големи количини падна особено во западните делови на Македонија, сепак ги изненади службите. Веќе неколку дена се борат со снежните наноси да стигнат до оние на кои им треба помош. Најпрво патишатата во маврово беа непроодни најмногу заради колони возила со летни гуми, несоодветни за зимски услови, поради кои не беше ни возможно да се исчистат патиштата со механизација. Потоа, многумина пријавија дека се заглавени во позафрлени делови од областа Леуново, односно Никифорово, без оглед на тоа што имаат и синџири на тркалата. Тешко беше да се стигне и до хотелот „Радика“ каде госитите беа згрижени.

Во близина, во село Леуново се најде и дете со епилепсија, за кое родителите немаа лекови со себе.

– Примен е повик од семејство од Кочани кои беа заглавени во с.Леуново, а со нив и дете кое боледува од епилепсија и на кое му беше неопходна терапија која ја немале со себе. Истите се извлечени од селото и во 17 часот вчера се вратени во Кочани во добра општа состојба – соопштија од ЦУК.

Во драматично спасување, извлечена е и бремена жена од селото врбен.

– Во текот на денот е примен и повик од заглавена бремена жена во с.Врбен. Во координација со Општина Маврово-Ростуше, на местото беше испратен трактор којшто возејќи пред автомобилот со големи напори успеа да го извлече возилото до безбедна локација – соопшти ЦУК.

По информацијата дека семејства се заглавени во с.Никифорово, ангажирана е машина од општината која дошла до селото во 18 часот и тие со сопствените возила се пробивале до пристапниот пат за да се упатат до своите домови.

Примени се повици од граѓани со заглавени патнички возила и во координација со ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта и Општина Маврово Ростуше на истите им е помогнато со цел да го продолжат патот до своите дестинации.

– Во 21.28 часот, на 112 добиена е пријава во врска сo заглавени три моторни возила со десетина возрасни лица. Луѓето тргнале од село Никифорово и се заглавени еден километар пред село Леуново. Во разговор со ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, добиле известување дека се повлечени од терен и немаат доволно гориво за да се интервенира. Исто така и од ЕЛС Маврово-Ростуше известиле дека се повлечени. Од ПС Маврово извести дека имало една „скип“ машина од ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, но истата била во дефект и доколку се санира дефектот, ќе се потрудат да излезат пак на терен. За овој настан известени се и ДЗС Гостивар и Тетово.

Во Општина Желино, во текот на денот, од страна на приватна фирма ангажирана Општина Желино, е исчистен патот до с.Луковица околу 13.00 часот.

Во Скопје пак, вчераутро во 9:18 часот, добиена е пријава од заглавено лице во месноста „Празни торба“ – Црни врв, с.Цветово (Општина Студеничани), коешто се наоѓа во сопствена викендица. Според известувањето од пријавителот, има наноси од снег кои се повисоки од 60 сантиметри и не е во можност да го користи сопственото моторно возило иако има зимска опрема. Од страна на РЦУК Скопје известен е градоначалникот на Општина Студеничани, кој информирал дека имаат договор со фирма за чистење на снегот, но само до населените места. Во 15:30 часот, од градоначалникот е добиена информација дека не успеале да обезбедат багер за чистење на снегот, но на пријавителот му било понудено да биде евакуиран со возило мотор со гасеници, но истиот го одбил тоа бидејќи не сакал да го остави возилото.

Исто така, во 09.20 часот, добиена е пријава за лица кои се наоѓаат во Планинарскиот дом „Караџица“ (Општина Студеничани), со возило, но поради висината на снежната покривка не можат да се вратат дома. И со овој случај е запознаен, поточно е известен, градоначалникот на Општина Студеничани.

Со правовремено информирање од страна на медиумите за условите при врнежите од дожд и снег и за проодноста на патиштата, најверојатно, имаше помалку проблеми за граѓаните коишто ги планираа своите патувања.

Можете да прочитате

Од утре ќе се бојкотира наставата во ОУ „Лазо Ангеловски“

Перински: Без млади, нема иднина, ни за локалната самоуправа, ни за државата

Првиот човек на ФЗО поднел кривични пријави против шест директори на здравствени установи