Ќе се бориме до последно да нема ниту 3-процентно покачување на цената на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари. Максимумот што може да се случи е да има покачување на цената од 3 проценти во третиот и четвртиот блок, а во првиот и вториот блок, каде што се најголемиот број од потрошувачите, да нема никакво покачување, вети денеска премиерот Христијан Мицкоски.
-За нас е најлесно да ја покачиме цената и граѓаните да добијат сметки коишто ќе бидат 20-30 проценти повисоки од тие коишто ги имале досега. Тоа е најлесно и сега ние сме виновни зошто не ги покачуваме сметките. Мислам ова не можам да го разберам како порака од опозицијата, а не ги покачуваме затоа што грчевито се бориме да ја стабилизираме состојбата во енергетиката. Ако настапуваме неодговорно и не се бориме и да ги покачиме сметките 20-30 проценти се ќе поскапи. Замислете што ќе се случи и каков шок ќе биде тоа во делот на инфлацијата – изјави Мицкоски во одговор на прашање по поставувањето камен-темелник на нова детска градинка во скопската населба Расадник во општина Кисела Вода.
Се бориме грчевито, додаде, бидејќи тоа што го наследивме во АД ЕСМ е апокалиптична ситуација.
-Колку што сум информиран и финансиската полиција и МВР и други институции се бават со тоа што се правело многу години наназад и многу скоро од денеска ќе се излезе со јасна информација – порача Мицкоски.
Најави дека ќе се оптимизира производство кое што зависи од АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ.
-Приходите во АД ЕСМ не се само од продажбата на електрична енергија која што оди кон АД ЕВН, тука се и системските услуги кон МЕПСО. Знаеме од прилика колкави се приходите и оперативните расходи. Ценам дека ќе направиме се да ги оптимизираме и да нема покачување на цената на електричната енергија ниту до тие 3 проценти. Ако мора да се покачи во некои од блоковите, можеби би имало некакво интервенирање во третиот и четвртиот – прецизира Мицкоски.
Тоа го правиме, нагласи, затоа што навистина сакаме на граѓаните да не им го отежнуваме и онака тешкиот живот.
-Ги намаливме трошоците, од прилика за 15-20 проценти на старите долгови, добивме попуст, а новите тендери се од прилика од 15-20 проценти поевтини од тие порано. Е сега вие замислете каде оделе тие 15-20 проценти. Од тоа што го имам како информација точно се знае каде оделе, а многу брзо и јавноста ќе дознае, но ние тоа успеавме да го спуштиме, да го оптимизираме приходот, да ја оптимизираме работата на најголемиот енергетски комбинат РЕК Битола и мислам дека успеваме во сето тоа. Во делот на гас добивме многу пониска цена од таа што се купувала, заштедивме тука 4-5 милиони евра, генерално преку оние попусти коишто ги работевме исто така околу 5-6 милиони евра досега, можно е и уште повеќе да дојдеме до 8-9 милиони евра и на тој начин го оптимизираме и производното и приходното портфолио – појасни Мицкоски.