Утрински Весник
Свет

Како ракети со долг дострел што ја гаѓаат Русија можат да влијаат на војната во Украина

20241118092219 Big 730x400 21 1.webp.webp

Американските власти велат дека претседателот Бајден и дал зелено светло на Украина да користи ракети со долг дострел доставени од Вашингтон за да нападне длабоко во Русија.

Вашингтон претходно одби да дозволи такви напади со ракетите ATACMS од американско производство, бидејќи стравуваше дека тие ќе ја ескалираат војната.

Големиот пресврт во политиката доаѓа два месеци пред претседателот Џо Бајден да му ја предаде власта на Доналд Трамп, чиј избор ги зголеми стравувањата за иднината на американската поддршка за Киев.

Зошто САД и дозволија на Украина да користи ракети со долг дострел во Русија?

Украина повеќе од една година го користи Воениот тактички ракетен систем, попознат како ATACMS, на руски цели на окупирана украинска територија.

Но, САД никогаш не му дозволиле на Киев да ги користи ракетите во Русија – до сега.

Балистичките ракети Локхид Мартин (Lockheed Martin) се едни од најмоќните досега дадени на Украина, способни да патуваат до 300 километри (186 милји).

Украина тврдеше дека тоа што не ѝ е дозволено да користи такво оружје во Русија е исто како да се бара да се бори со едната рака врзана зад грб.

Промената на политиката, наводно, доаѓа како одговор на неодамнешното распоредување на севернокорејски трупи за поддршка на Русија во пограничниот регион Курск, каде Украина окупира територија од август.

Исто така, неизбежното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа ги зголеми стравувањата за иднината на американската поддршка за Украина, а претседателот Бајден очигледно сака да направи се што може за да помогне во малку време што му преостанува на функцијата.

Зајакнувањето на воената моќ на Украина – така се размислува – може да и даде на Украина предност во сите мировни преговори што може да претстојат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се уште не го потврдил потегот. Но, тој во неделата рече: „Нападите не се прават со зборови … Ракетите ќе зборуваат сами за себе“.

Каков ефект ќе имаат проектилите на бојното поле?

Украина сега ќе може да напаѓа цели во Русија, најверојатно најпрвин околу Курската област, каде што украинските сили држат територија од над 1.000 квадратни километри.

Украинските и американските власти очекуваат контраофанзива на руските и севернокорејските трупи за враќање на територијата во Курск.

Украина може да користи ATACMS за да се одбрани од нападот, гаѓајќи руски позиции, вклучувајќи воени бази, инфраструктура и складиште за муниција.

Снабдувањето со ракетите веројатно нема да биде доволно за да се сврти курсот на војната. Руската воена опрема, како што се авиони, веќе е преместена на аеродромите во Русија во очекување на таква одлука.

Но, оружјето може да и даде одредена предност на Украина во време кога руските трупи се зајакнуваат на истокот на земјата, а моралот е низок.

– Мислам дека тоа нема да биде одлучувачко, изјави за Би-би-си западен дипломат во Киев, барајќи анонимност поради чувствителноста на ова прашање.

– Сепак, тоа е задоцнета симболична одлука да се подигне влогот и да се демонстрира воена поддршка за Украина. Тоа може да ја зголеми цената на војната за Русија.

Има прашања и за тоа колку муниција ќе биде обезбедена, рече Евелин Фаркас, која беше заменик помошник секретар за одбрана во администрацијата на Обама.

„Прашањето е, се разбира, колку проектили имаат? Слушнавме дека Пентагон предупреди дека нема толку многу од овие проектили што можат да ги стават на располагање на Украина“

Фаркас додаде дека ATACMS би можеле да има „позитивно психолошко влијание“ во Украина доколку се користат за напади на цели како што е мостот Керч, кој го поврзува Крим со континентална Русија.

Американското овластување, исто така, ќе има дополнителен ефект: потенцијално ќе им овозможи на Велика Британија и Франција да и дадат дозвола на Украина да користи ракети „Сторм Шедоу“ во Русија. Storm Shadow е француско-британска крстаречка ракета со долг дострел со слични способности на американската ATACMS.

Дали тоа може да доведе до ескалација на војната?

Администрацијата на Бајден со месециодбиваше да и дозволи на Украина да ја гаѓа Русија со проектили со долг дострел, стравувајќи од ескалација на конфликтот.

Владимир Путин предупреди да не се дозволи употреба на западно оружје за да гаѓа Русија, велејќи дека Москва ќе го смета тоа како „директно учество“ на земјите на НАТО во војната во Украина.

„Тоа значително би ја променило самата суштина, природата на конфликтот“, рече Путин во септември. „Тоа ќе значи дека земјите на НАТО, САД и европските држави се борат со Русија“.

Русија претходно постави „црвени линии“. Некои, вклучително и обезбедување на модерни борбени тенкови и борбени авиони за Украина, оттогаш беа поминати без да предизвикаат директна војна меѓу Русија и НАТО.

Курт Волкер, поранешен американски амбасадор во НАТО, рече: „Со ограничувањето на опсегот на употреба на американско оружје од страна на Украина, САД неоправдано наметнуваа еднострани ограничувања за самоодбраната на Украина“.

Тој додаде дека одлуката за ограничување на употребата на ATACMS била „целосно произволна и направена од страв да не се „провоцира“ Русија.

„Сепак, грешка е таквата промена да се објави јавно, бидејќи на Русија однапред ѝ се дава известување за потенцијални украински напади“.

Како ќе реагира Доналд Трамп?

Овој потег доаѓа само два месеци пред Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.

Тој веќе рече дека има намера брзо да ја прекине војната во Украина – без да прецизира како планира да го направи тоа – и дека може да ја откаже употребата на ракетите откако ќе ја преземе функцијата.

Новоизбраниот претседател Трамп сè уште не кажа дали ќе ја продолжи политиката, но некои од неговите најблиски сојузници веќе ја критикуваа.

Доналд Трамп помладиот, синот на Трамп, напиша на социјалните мрежи: „Воено индустрискиот комплекс се чини дека сака да се погрижи да почне Трета светска војна пред татко ми да има шанса да создаде мир и да спаси животи“.

Многу од највисоките функционери на Трамп, како што е новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс, велат дека САД не треба да обезбедуваат повеќе воена помош за Украина.

Но, други во следната администрација на Трамп имаат поинаков став. Советникот за национална безбедност Мајкл Валц тврди дека САД би можеле да ја забрзаат испораката на оружје во Украина за да ја принудат Русија да преговара.

По кој пат ќе оди новоизбраниот претседател не е јасно. Но, многумина во Украина стравуваат дека тој ќе ја прекине испораката на оружје, вклучително и ATACMS.

„Загрижени сме. Се надеваме дека (Трамп) нема да ја повлече (одлуката)“, изјави за Би-Би-Си Олексеј Гончаренко, украински пратеник.

БИ-БИ-СИ

Можете да прочитате

Годинава во Саудиска Арабија рекордни, над 300 егзекуции

Француските пратеници се очекува утре да гласаат за недоверба на владата на Барние

Европол: Разбиен синџир за трговија со дрога, запленети 5,8 тони кокаин