Утрински Весник
Македонија

Левица обвинува дека се купува оружје, а се кратат пари од ранливите групи на граѓани

Levica.jpg

Нагласеното зголемување на средствата за воените расходи и милитаризација за сметка на намалување на социјалната и еколошката компонента во буџетот е алармантен показател за приоритетите на оваа власт, велат од Левица.

„Буџетот за одбрана и купување оружје од САД, е зголемен за 13%, додека, власта на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди на сопствените граѓани, односно лицата од социјални категории, по одредени параметри им скратува неверојатни 40%. Економската стратегија на актуелната Влада не само што е заснована на истиот модел од претходната на ДУИ и СДС, туку одлучи и да крати од ранливите категории. Особено е алармантно што буџетот за социјална заштита за деинституционализација и социјални услуги се намалува за 44,6%, што значи 245,401 денари помалку. За споредба, буџетот во одбраната, достигнува рекордни 20,5 милијарди денари. Ова е класична илустрација на владините приоритети“, се вели во соопштението на партијата.

Дополнително, додека македонските граѓани дишат најзагаден воздух во Европа, изгорена е шума вкупно 4% од територијата на земјата за само едно лето, во делот за заштита на животната средина, буџетот за квалитет на воздухот е намален за вртоглави 33,1%, што не само што нема да ја подобри ситуацијата, туку и директно ќе нанесе сериозни последици врз здравјето на населението.

Левица направи голем број на амандмански интервенции, каде се предлага алтернативи за поинаква, поефикасна и поодржлива распределба на средствата.

„Наместо милијардите за воена опрема и вазалско следење на странските насоки за непотребно вооружување, бараме овие ресурси да се пренасочат во фондови за социјална заштита и влог во екологијата, кои имаат егзистенцијално значење за голем дел од населението“, реагираат од партијата.

Можете да прочитате

Две третини од луѓето во ЕУ живеат во свој дом, во Македонија 87 отсто

МОН ги претстави новините во трите нови закони за високото образование и за научноистражувачка дејност, два се веќе на ЕНЕР

Полицајци, наставничка и пожарникар зeмале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи