Утрински Весник
Македонија

Адвокатот Стојков: Наместо во партијата, Палчо ме чекаше во стан – „Тоа ми беше невообичаено“

Uploads Thumbs Resize 800x420 660117.jpg

На денешното судење за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сведочеше Васко Стојков, член на Централниот одбор на политичката партија „Десна“ и поранешен адвокат на Љупчо Палевски – Палчо. Стојков го опиша денот кога го возел Палчо од Скопје за Белград и деталите за нивната средба во стан, наместо вообичаено во просториите на партијата.

„На 30 ноември 2023 година, бев во Белград со Љупчо Палевски. Утрото, околу 08:30 часот, ми се јави Влатко Кекишев и Палчо и ме прашаа дали знам нотар што работи во четврток, бидејќи беше неработен ден,“ изјави Стојков. Тој посочи дека првично се упатил кон просториите на партијата, но го пречекал Кекишев со неочекуван предлог.

„Влатко ме чекаше надвор и ми рече дека Палчо не е тука и дека ќе одиме во стан. Тоа ми беше невообичаено, бидејќи обично се среќававме во партијата,“ додаде тој. Потоа заедно се упатиле кон станот во Аеродром, каде што ги чекал Палчо со уште едно непознато лице.

Во разговорите во станот, според Стојков, Палчо зборувал за својот здравствен проблем и плановите за лекување. „Ми кажа дека сака да оди во Белград и Турција за лекување на кичмата. Рече дека има 10-15 дена слободни и сака да ги среди работите со лекувањето. Ако не се среди во Белград, ќе оди на операција во Турција,“ сведочеше Стојков.

Тој исто така откри дека Палчо се соочувал со проблеми околу користењето на комбето „Фиат Добло“ за меѓународни патувања. „Ми рече дека нема дозвола за возење надвор од границите на Македонија, само за возење низ земјата,“ додаде тој.

Стојков посочи дека покрај политичките, со Палчо имале и приватни односи. „Имавме и приватни релации. Еднаш имаше потреба од пари и ме замоли да му позајмам бидејќи имаше извршување. Најдовме човек што ќе го купи станот за да не му се одземе, а потоа тој ми ги врати парите,“ објасни Стојков, додавајќи дека овие односи датираат од 2018 до 2020 година.

Сведочењето на Васко Стојков ја отвори дилемата зошто Палчо избрал да се сретне во станот, а не во просториите на партијата, и кои биле причините за ваквата промена. Судскиот процес продолжува со нови искази и докази.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор