Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази задоволство што изградбата на Коридорите 8 и 10д продолжува, и покрај тоа што проектот се спроведува од влада за која сметаат дека „нема етнички легитимитет“. Поранешниот директор на Државни патишта, Ејуп Рустеми, денес на прес-конференција ја истакна важноста на овој проект, нагласувајќи дека ДУИ останува посветена на долгорочни политики за напредок и модернизација на патната инфраструктура во Северна Македонија.
„Ова го потврдува нашиот стабилен визионерски пристап. Ониe што се спротивставуваа на проектот и се закануваа со негово поништување, денес го нарекуваат историски проект. Оваа промена во ставовите ја истакнува вистинската вредност на Коридорот 8 за развојот на Северна Македонија и подобрување на врските со регионот и Европа,“ рече Рустеми.
Тој додаде дека политиките на ДУИ отсекогаш биле во интерес на граѓаните, а овој проект, според него, е доказ за посветеноста на ДУИ за напредок и економски развој. „Обвинувањата насочени кон нас не беа ништо друго освен обид за освојување на власта без вистинска поддршка. Наместо критики, бараме проектот успешно да се реализира,“ изјави Рустеми.
ДУИ истакна дека планираните средства за овој проект треба да се искористат без одложувања и пречки, како и дека успехот на проектот е поврзан со нивната посветеност кон заедничкото добро и иднината на Северна Македонија.