Утрински Весник
Македонија

Светски ден на аудиовизуелното наследство во Кинотека: презентација на проект за дигитална реставрација и 4-дневна филмска програма

Pokana Svetski Den Na Audiovizuelnoto Nasledstvo 2024 1.jpg

На 28 октомври во 12 часот, Кинотеката на Македонија ќе го одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот ПИСМО на филмскиот и театарски режисер Васил Христов – Вуси. А до крајот на октомври пак, во вечерните термини на филмската програма ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј.

Среднометражниот игран филм ПИСМО е реализиран во 2000 година во холандска продукција. Благодарение на EYE-Filmmuseum, националниот филмски архив на Холандија, неодамна и Кинотеката на Македонија доби копија од филмот, бидејќи продуцентот, кој повеќе не е активен, целата своја филмска архива ја има депонирано во EYE.

На презентацијата во понеделник ќе говорат преставници од Управата за заштита на културно наследство, нода Кинотеката на Македонија и од инволвираните стручни лица во процесот на дигитална реставрација, а ќе биде присутен и режисерот на филмот.

Како што погоре спомнавме, од понеделник до четврток, односно од 28 до 31 октомври, на репертоарот на кинотечното кино ќе се прикажуваат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да го потенцираме токму оваа 2024 година. Пред сè, тука се краткиот документарен ДАЕ (1979) на Столе Попов и играниот ПРЕД ДОЖДОТ (1994) на Милчо Манчевски, кои своевремено беа во трката за престижниот „Оскар“ како претставници на нашата кинематографија, а се закитија со подеднакво значајни награди и на други врвни светски фестивали – ДАЕ со „Гран при“ на МФФ во Оберхаузен, а ПРЕД ДОЖДОТ со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал. Потоа следи и партизанскиот трилер ПОД ИСТО НЕБО (1964) на режисерската двојка Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, па комитската драма НЕЛИ ТИ РЕКОВ (1984) на Стево Црвенковски, како и документарниот првенец ОГАН, повторно на Столе Попов, од 1974 година. Сите овие филмови во 2024 година одбележуваат свој јубилеј – од премиера, од прикажување, од создавање…

27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а го одбележуваат сите светски филмски архиви, кинотеки, музеи, библиотеки и организации кои работат на полето на заштитата на аудиовизуелната граѓа, предводени од Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA –Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations). Со проекции, изложби, промоции, тркалезни маси, презентации и други настани и програми сите овие организации, тела и институции се обидуваат да го свртат вниманието кон неопходноста од заштита и сочувување на филмското наследство како дел од колективната културна меморија.

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?