Утрински Весник
Балкан

Клиничкиот центар во Сараево се огласи за смртта на девојчето по вадење заб

Kcus Db 6.jpg

На Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево (КЦУС) почина 16 годишно девојче кога доживеа тешки компликации при стоматолошка процедура во приватна ординација во Сараево.

Во врска со овој трагичен настан КЦУС излезе со соопштение.

„Колективот на КЦУС изразува искрено сочувство до семејството по повод овој немил настан, смртта на шеснаесетгодишно девојче. Како професионалци, колку и да сте подготвени, смртта е секогаш тежок удар, особено кога станува збор за млад човек. Поради оваа причина, раководството на КЦУС и Министерството за здравство на кантонот Сараево побараа да се спроведе внатрешен стручен надзор над целокупниот третман на пациентот со цел да се утврдат сите околности и точниот тек на лекувањето“, пишува во соопштението на КЦУС, пренесуваат медиумите во регионот.

Во написите потсетуваат дека по извршена стоматолошка процедура во приватна ординација, девојката добила сериозни компликации поради што итно била префрлена во КЦУС. И покрај сите напори на лекарскиот тим да ѝ го спасат животот, таа починала.

Точната причина за смртта ќе биде утврдена по обдукцијата, а од Обвинителството на кантонот Сараево потврдија дека се поведени истраги во врска со овој случај.

„Постапката е во тек, се преземаат дејства со цел да се утврдат сите околности на смртта. Со оглед на тоа дека се работи за малолетно лице, Обвинителството во моментот не може да даде повеќе информации“, велат од обвинителството за „Н1“.

Можете да прочитате

Се огласи жената која ја претепа Слобода Миќаловиќ: Почна да ја споменува мајка ми

Бојко Борисов: Ја повлекувам кандидатурата за премиер на Бугарија

Во Албанија во полициска акција приведени високи полициски функционери, судии и новинари