Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го осуди Израел за нападот на мировниците на ОН. Притоа, тој изјави дека во мисијата УНИФИЛ во Либан има и припадник на хрватските вооружени сили, кој сега се враќа во Хрватска.
„Ги осудувам повторените напади на израелските одбранбени сили (ИДФ) врз членовите на мировните сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), кои го прекршуваат меѓународното право и ги загрозуваат животите на членовите на УНИФИЛ чија мисија е одржување на мирот и безбедноста во областа. Нема оправдување за нападите врз членовите на УНИФИЛ и единственото нешто што завојуваните страни, вклучително и израелските одбранбени сили, мора да направат е веднаш да прекинат со каква било форма на напад и притисок врз мисијата на УНИФИЛ.
Како што предупреди Советот за безбедност на ОН, мировниот персонал и објектите на ОН никогаш не смеат да бидат цел на напади. Задачата на членките на УНИФИЛ е да го бранат меѓународниот мир и безбедност во таа област, односно да обезбедат целосна имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН усвоена во 2006 година со цел зачувување на мирот меѓу Либан и Израел. Членовите на УНИФИЛ се обидуваат да спречат ескалација на конфликтот, додека нападите на израелските одбранбени сили врз нив, за жал, ги попречуваат напорите на УНИФИЛ и директно придонесуваат за ширење на овој конфликт.
Во мисијата УНИФИЛ имаше и еден припадник на вооружените сили на Хрватска, неговото учество во мисијата заврши и во тек е организацијата за неговото безбедно враќање во Хрватска. За распоредувањето на членот на ОСРХ кој треба да го замени во мисијата на УНИФИЛ ќе одлучиме подоцна, имајќи ја пред сè безбедносната состојба“, напиша Милановиќ.