Утрински Весник
Македонија

Сведочење на мајката на убиената Вања: Таткото од прв момент тврдеше дека е киднапирана

3 5 1170x878 1.jpg

Мајката Зорица Ѓорчевска на денешното сведочење изјави дека дента на злосторот, нејзината ќерка излегла од дома во 7:20 и тргнала на школо, но 20-тина минути подоцна и стигнала порака од класната на Вања дека не е стигната во школо.

-Ѝ свртев на телефон на Вања, но не беше достапна. Локацијата преку Гугл покажа дека е на Партизанска и му се јавив на Александар и му кажав дека Вања ја нема. Откако дојде, со Александар, со кола отидовме на местото каде што покажа Гугл, ама таму имаше една напуштена куќа. Викавме: Вања, Вања, ама ништо. Околу 8.30 часот во полиција направивме пријава и почна потрагата, изјави на судењето, мајката на Вања.

Таа рече дека Александар брзо дошол по јавувањето иако смета дека не е вообичаено тој брзо да се подготвува и знае да доцни.

-Но, јас кога му се јавив брзо дојде. Не ми рече ништо за исчезнувањето на Вања, јас му објаснував дека не знам каде е, дека не сме се скарале. Зборувавме со Александар каде да одиме, каде да ја бараме. Дојдовме пред Соборниот Храм и седнав на клупа. Седнав со полицаец, давав податоци, им се јавив на колеги на телефон, да пробаат и тие да ѝ го лоцираат телефонот. Полицаецот предложи да се вратиме дома, да не се вратила случајно, бидејќи Вања претходната ноќ се жалеше дека не ѝ е добро. Тогаш се јави помалата ќерка од училиште, сфатила дека Вања не отишла во училиште, почна да плаче и отидов да ја земам од школо, беше дел од исказот на Зорица Ѓорчевска.

Во сведочењето за првиот ден на исчезнувањето на ќерката, мајката раскажа што правел обвинетиот Александар, татко на девојчето.

-Кога се врати Александар, ми кажа дека бил во Сарај кај пријател, па во Арачиново, па во Блаце, но имало многу гужва и се вратил. Од првиот момент тој тврдеше дека Вања е киднапирана, тој велеше „нема што друго да биде“ , тврдеше Зорица.

Потоа по предлог од колешка и со известување до полицијата, таа објавила на ФБ дека девојчето е исчезнато.

Во станот на улица „Наум Наумовски Борче” живеевме само два месеца. Претходно живеевме на улица ‘Славе Деловски’, кој e мој стан. Тој на ‘Н. Н. Борче’, беше мој, па го дадов на мојот маж Александар Ѓорчевски, а потоа пак премина во моја сопственост. Тој инсистираше да биде префрлен на негово име, за ако нешто се случи, децата да имале оставина.Тоа беше во 2018 година. Бидејќи децата сакаа да живееме таму, јас побарав да се префрли на име на децата, односно на мое име, како нивни старател”, одговараше мајката на Вања пред обвинителката, најпрво околу имотните односи со поранешниот сопруг Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање во киднапирањето на неговата сега покојна Вања.

Подоцна Зорица одговараше пред обвинителката за неуспешната постапка за префрлување на станот на „Славе Деловски”.

„Ја почнавме постапката, се согласи и Александар едниот стан да биде препишан на едното, другиот на другото дете. Тој беше и на нотар. Но таа заверка никогаш не беше завршена. Се преселивме и јас престанав да инсистирам”, кажа мајката.

„Тој стан на ‘Н. Н. Борче’ јас го користев. Почнав да правам 2 детски соби внатре, нарачавме мебел и во септември се преселивме таму. Станот претходно го раководеше Александар, имаше станар, тој ја земаше киријата. Јас во моја сопственост имам уште 3 стана, што ги наследив од родителите. Од тие два се во Скопје, третиот е во Охрид”, рече Зорица Ѓорчевска.

Можете да прочитате

Приведен тинејџер од Скопје: Не застанал на знак од полицијата, па нападнал полицајци

Меџити се сретна со делегација на МАТТО предводена од Адемоски

МВР започна кампања „До вас, за вас”