Утрински Весник
Македонија

Рокас: Единствена цел во мојот мандат е да и помогнам на земјава да влезе во ЕУ

20241012232217 Big 730x400 52.webp.webp

Единствена цел во мојот мандат е да и помогнам на државата да влезе во ЕУ што е можно побрзо, изјави новиот евроамбасадор Михалис Рокас, во интервју за МИА, што е негово прво интервју откако стапи на новата должност во земјава минатиот месец.

Рокас вели дека членството во ЕУ нема алтернатива и оти проширувањето е најуспешната политика на Унијата. Вели дека го разбира предлогот на Владата за одложена примена на уставните измени, но, нагласува оти пристапувањето е процес заснован на едногласност.

-Проширувањето е процес заснован на едногласност, ние сме сите свесни за овој предлог на Владата. Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, како што објаснив претходно има став на ЕУ од 27-те членки во овој поглед. Значи, се разбира, од суштинско значење е да се осигураме дека сме свесни за овој контекст. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата, и е многу важна, ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен, и тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо и она што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ, што ја вклучува и Северна Македонија, потенцира Рокас.

Евроамбасадорот Рокас, во интервјуто за МИА говори и за реформите во правосудството, препораките на Оценската мисија, за Планот за раст на Западен Балкан, БРИКС и односите ЕУ-Кина…

Амбасадоре Рокас, во земјава дојдовте пред околу еден месец. Вашиот мандат почна речиси во исто време со мандатот на новата Влада. Какви се вашите први впечатоци?

-Воодушевен сум што сум во земјава, како што кажавте мојот мандат почна со мандатот на новата Влада, првпат сум на Балканот по 22 години поминати во Азиско-пацифичкиот регион, но и време во кое проширувањето на ЕУ дојде на врвот на нашата агенда. Значи, сите овие три фактори. Имав топло добредојде, добри разговори, имав првични средби во Владата – со премиерот, заменик-премиерот, министрите и останатите чинители. Видов и сум многу задоволен дека имаме задничка цел, а тоа е, да го забрзаме патот кон пристапувањето.

Севeрна Македонија и Албанија се одвоија на патот кон ЕУ. Унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на посетата на земјава понуди да посредува во раговорите на Скопје и Софија, и кажа дека земјава мора да ги отвори преговорите до крајот на годината. Бугарско МНР кажа дека не е допуштено посредување меѓу ЕУ и земја-кандидат, додека премиерот Христијан Мицкоски посочи дека таа понуда е дадена како актуелен претседавач со ЕУ. Како гледате на предлогот на Орбан?

-Ќе ми дозволите да не коментирам ставови, изјави на земји-членки, тоа не е мојата улога. Но она што можам да Ви го кажам се фактите – а тоа е дека во јули 2022 година започнаа пристапните преговори за Албанија и за Северна Македонија, по што почна скрининг процесот што е значаен предуслов пред формалното отпочнување на преговорите за првиот Кластер Темели. Факт е исто така дека заклучоците на Советот од јули 2022 за Северна Македонија јасно предвидуваат дека земјата треба да ги усвои уставните амандмани и штом тие ќе бидат усвоени, автоматски ќе започне меѓувладината конференција за Кластерот 1. Значи, ова е јасниот пат, ова е момент на можност, проширувањето е дефинитивно на агендата на ЕУ, така што ние сметаме дека ова е момент за да не се пропушти оваа можност.

На средбите кои во Брисел ги имаше премиерот Мицкоски кон средината на септември со високи претставници на ЕУ, се разговарало и за идејата за уставни измени со одложено дејство. Како Брисел гледа на оваа идеја, којашто власта ја нарекува т.н. „француски предлог плус“?

-Дозволете ми да кажам дека, како што знаете, проширувањето е процес заснован на едногласност, ние сме сите свесни за овој предлог на Владата. Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, како што објаснив претходно има став на ЕУ од 27-те членки во овој поглед. Значи, се разбира, од суштинско значење е да се осигураме дека сме свесни за овој контекст. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата, и е многу важна, ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен, и тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо и она што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ, што ја вклучува и Северна Македонија.

Под претпоставка да се донесат уставни измени, ќе застане ли ЕУ како гарант дека Бугарија нема да има нови условувања кон нас и дека нашиот пат кон финално членство ќе се одвива според мерит системот?

-Повторно ќе се навратам на тоа што значи процесот на проширување – а тоа е дека се заснова на едногласност. Треба да сме свесни за фактот дека во текот на процесот, од моментот кога ќе почнат преговорите, до самиот крај кога вашата земја ќе стане членка на ЕУ, потребна е едногласност. Така, во теорија, кога нема напредок во реформите, или во имплементирањето на Копенхашките критериуми, или законодавството со тоа на ЕУ, една или други земји-членки можат да дадат приговор во одредени делови од преговорите, дали тоа е на крајот или на средината на преговарањето.

Значи, ова е факт, но размислувајќи за овој факт, мислам дека имавме шест рунди на проширување на ЕУ од почетокот на ЕУ со различна бројка на земји, мислам дека сите тие и покрај пречките, и покрај тешкотиите, и покрај фрустрациите, и покрај долгиот процес, кој одзеде повеќе време, земјите станаа членки на ЕУ. Мислам дека тоа треба да го имаме на ум, но и да бидеме целосно свесни што подразбира процесот. И тоа подразбира едногласност и поддршка на 27-те членки на ЕУ во текот на целиот процес.

Украина ги отпочна преговорите за членство во ЕУ. Се сеќаваме и на моментот во декември 2023 кога унгарскиот премиер Орбан беше испратен да испие кафе, кога на состанокот на европските лидери се расправаше за започнување преговори со Украина. Дали сметате дека слична одлука можеше да се донесе и за земјава, со оглед дека сме над 20 години во процесот и стопроцентно ја имаме усогласено надворешната и безбедносната политика со таа на ЕУ?

-Сакам да ја пофалам Северна Македонија за целосно усогласување со Заедничката надворешна безбедносна политика, ова е многу ценето и ова е прашање што им го подвлеков на сите мои соговорници откако пристигнав овде. Ова е високо ценето и сметам дека е доказ за посветеноста на Северна Македонија кон ЕУ и аплаудираме на Северна Македонија за тоа. Затоа не сакам да повторувам – процесот на проширување, вклучително и за Украина, може или да се изгласа или да се блокира, со едноласност или кој било може да го блокира, но тоа во случајот со Украина не се случи.

Ситуацијата на која се повикувате не е начин, метод бидејќи всушност не е можно заобиколување без разлика дали некој е присутен или не, не значи дали сака да блокира, блокира или на на друг начин бара едногласност.

Реформите во судството се на врвот на приоритетите на оваа Влада, која веќе најави дека почнува со реформа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Оценската мисија даде 40 препораки за Судскиот совет да работи професионално. Дел од краткорочните препораки се веќе спроведени, а дел од нив бараат законски измени. Во која насока според Вас треба да одат реформите?

-Задоволен сум што ова е врвен приоритет за Владата. Имав чест да ги дискутирам овие теми со министерот за правда. Гледам силна посветеност да се работи и да се следат овие сугестии и препораки на ЕУ без разлика дали се од Оценската мисија, дали се од Извештајот за напредокот на земјата, дали е конкретно за владеење на правото, запознаен сум исто така со сите овие извештаи, така што има многу основи да се работи на оваа проблематика.

Сега, приоритетот треба да биде законот за Судски совет, што е многу важна реформа во поглед на начинот како е формиран, како се избираат и разрешуваат судии.

Значи, има многу елементи за тоа дека работата е огромна и напредувала релативно брзо, ова е клучната област за сè, борбата против корупцијата, привлекување инвестиции, давање доверба на граѓаните во судскиот систем.

Гледам дека има фер посветеност исто така и од страна на ЕУ и има голема поддршка за тековните проекти или проекти кои ќе бидат скроени според новата законска регулатива, што очекуваме Владата да ја донесе во наредните месеци.

Откако се усвои Реформската агенда на земјава, кога можеме да ја очекуваме првата транша од 52,5 милони евра? Дали сметате дека со овој План ќе се постигне реално економско приближување кон економскиот раст на членките на ЕУ, и дали граѓаните на земјите-кандидатки ќе ги почувствуваат придобивките пред членството?

– Откако е усвоена, се надеваме ќе ги потпишеме договорите за заемите, за инструментите. Првата транша ќе биде исплатена пред крајот на годината, во тоа сум убеден. Исто така, ова е можност да го поздравам Планот за раст, реформската агенда, тоа е солиден и силен проект, којшто се случи иако имавме избори и моравме брзо да работиме на тоа.

Верувам дека реформската агенда, Планот за раст, е уникатна можност за земјите од Западен Балкан не само затоа што им овозможува да се постепено интегрираат во ЕУ и внатрешниот пазар, тоа исто така ја покажува заложбата за проширување како и да се забрза процесот на пристапување, но и тоа дека е потребен просперитет, бидејќи голем дел од просперитетот во ЕУ се базира на внатрешниот пазар, успехот на ЕУ-правилата.

Исто така се надеваме дека земјите во Западен Балкан забрзано ќе работат на воспоставување нивен регионален пазар, кој што ќе ги олесни работите значително.

Механизмот овозможува флексибилност за Владата. Знаете, разликата меѓу ИПА-механизмите и Планот за раст е во тоа што механизмите на ИПА се за секторите, додека парите ќе може да се искористат согласно приоритетите на владата. Но, постепената интеграција во внатрешниот пазар на ЕУ сметам дека е без преседан и е резултат на искреноста и приоритетот на ЕУ за проширување во време кога геополитиката се соочува со огромни предизвици. Цврсто веруваме дека одговорот е да имаме едно европско семејство, во кое секако ќе биде вклучен и Балканот.

Се повеќе земји бараат алтернативи на ЕУ. Турција, долгогодишна претендентка за членство во ЕУ и членка на НАТО, аплицираше за прием во БРИКС. Која е политиката на ЕУ, освен проширувањето, во насока на намалување на овие ризици?

-Имав дискусии за БРИКС и во мојот претходен мандат. Мислам дека ќе се согласите со мене дека не постои нешто што може да биде на исто ниво со понудата на проширување. Всушност, проширувањето е најуспешната политика на ЕУ. Тоа е процес кој носи огромни придобивки, трансформативни ефекти од А до Ш во сите политики, како и просперитет за граѓаните. Заедничкиот пазар, солидарноста, зелената агенда, нашиот одговор на Ковид-пандемијата, следната генерациија на ЕУ која ја пумпа ЕУ-економијата со 1,7 трилиони – ова се невидени понуди. Дозволете ми да не ја споредувам со БРИКС. БРИКС е асоцијација на земји каде нема дискусии.

Државите од ЕУ бараат начин како да се заштита од пробивот на кинеската економија на стариот континент. Пред неколку дена ЕУ даде зелено светло за царини за кинеските електрични автомобили. Значи ли тоа „економска студена војна“ како што го оквалификуваа дел од европските политичари? И кое е Вашето мислење како ЕУ амбасадор и познавач на азиските прилики, како најдобро ЕУ да се справи со овој предизвик, и тоа не само од економското, туку и од „мекото политичко влијание“ од Кина?

-Би ви го оспорил терминот „мека моќ од Кина“. Сметам дека Кина веќе не употребува мека моќ. Но, повторно да користиме факти. Знаете дека трговските врски меѓу ЕУ и Кина се едни од најважните во светот. Тие трговски врски значат две милијарди евра на ден. Тоа значи дека се втори после Соединетите Држави. Исто така, ниту една глобална одлука не може да се направи без Кина, ние треба да сме партнери со Кина.

Изминатава деценија, со жалење гледаме дека има целосна промена кон многу неконкурентни практики од страна на кинеските власти, меѓу кои и огромни субвенции за важни сектори, меѓу кои електрични возила, а во исто време го фрлаат вишокот капацитет низ светот.

Потоа, кинескиот пазар, кој е од големо значење за која било земја во светот, бидејќи има 1,5 милијарди луѓе, но ние гледаме редовна кражба на интелектуална сопственост, меѓу монштвото од проблеми во Кина.

Сега имаме нова политика базирана на правилата на Светската трговска организација (СТО). Имаме многу дијалози со Кина, но кога ќе се појават проблеми, ние се консултираме со СТО. Нашата цел е да немаме трговска војна со Кина, но не можеме повеќе да сме наивни и не можеме да не го заштитуваме нашите сектори поради сериосно неконкурентните практики на Кина.

Кои се приоритетите на Вашиот мандат, што ќе биде Вашиот главен фокус? Што очекувате да бидат најголеми предизвици за исполнување на тие цели?

-Имам многу едноставен мандат, а тоа е да и помогнам на државата да влезе во ЕУ што е можно побрзо и тоа е единствената цел. Важно е како ќе се постигне тоа, заедно со мојот тим тука и претставниците на земјите-членки на ЕУ и сите амбасадори, ќе ја продолжам мисијата на мојот претходник евроамбасадорот Гир, а тоа е ќе одам во секој агол на земјава, ќе се ангажирам со граѓаните, со младите и треба да ги привлечеме сите кон таа цел.

И мислам дека постои фрустрација веќе подолго време, како што спомнавте во претходното прашање за евроскептицизмот, и мислам дека имаме одговор, па затоа треба да дадеме уверување дека имаме одговор.

Според мене, најголем предизвик е основата на реформите и капацитетот за апсорпција. Вистината е дека до денес, изгубени се големи финансиски средства. Штета, бидејќи тоа ќе направело разлика.

Така што, се надевам дека со овој нов поттик, треба да се искористи оваа можност и да се потрудиме заедно со мандатот на новата Влада, да одиме напред рака под рака и се надевам дека тоа ќе биде мојот единствен фокус во следните четири години.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: СДС им пречи што ЈПДП има зголемена наплата за 1,1 милион во јули оваа споредено со минатата година, затоа го напаѓаат Трајановски 

Фетаи: Важно е да се донесе Законот за правична застапеност, меѓународна пракса е да се земе мислење од Венецијанската комисија

Филипче: Мицкоски вели дека ќе стави „свои луѓе” во судството, тоа е неговата реформа