Утрински Весник
Балкан

Вечерашниот протест на опозицијата во Тирана ќе го обезбедуваат најмалку 1.500 полициски службеници

Picture 439 660x365 1.jpg

– Албанската опозиција, предводена од Демократската партија, со националниот протест закажан за вечерва, во 18 часот, во Тирана, под мотото „Марширање кон Тирана-или сега или никогаш“, како што објави, ја започнува граѓанската непослушност.

Во дописот што Демократската партија го испратила до полицијата, се бара четиричасовна дозвола за митингот, од 18 до 22 часот. Во овој документ само се прецизира дозволата за протестот пред владата.

Организаторите најавуваат „само марширање, но не и обраќања“ и тоа од седиштето на ДП, преку плоштадот „Народни херои“ па се до владата.

За безбедноста на протестот ќе бидат задолжени најмалку 1,500 полициски службеници, од сите сектори, вклучително и единицата за брзо распоредување „Шлипоња“.

Во готовност ќе бидат и силите на специјалната единица „Ренеа“ за да интервенираат во случај на каков било инцидент.

Цистерни со вода ќе бидат лоцирани зад објектот на владата и на уште неколку точки во близина на институциите каде се очекува да минуваат учесниците на протестот.

Ќе има и противпожарни и возила за брза помош. Жестоките реакции од опозицијата, вклучително и хаосот во законодавниот дом, следуваат по изречена затворска казна на пратеникот Ервин Салиањи.

Ова не е прв протест на опозицијата, но според организаторот се очекува да биде најмасовен.

Утрово зајакнато е обезбедувањето на владата, каде денеска во својот кабинет се врати премиерот Еди Рама по оперативниот зафат од минатата недела, но сè уште не планирал никакви јавни активности.

Директорот на државната полиција, Илир Прода побара од полициските сили, да не потпаѓаат под влијание на евентуални провокации од демонстрантите и да интервенираат само во случај на потреба.

„Внимавајте да не бидете испровоцирани од демонстрантите. Интервенциите треба да се минимизираат само во случаи на потреба, избегнувајте испровоцирани судири.

Одржувајте го мирот и заштитата на објектите на институциите. Снимете ги и документирајте ги сите насилни и незаконски дејствија“, се наведува во наредбата на Прода.

Во последниот повик на лидерот на демократите, Сали Бериша, кој е во притвор, се наведува дека ова ќе биде најважната граѓанска битка во последните 32 години.

„Ова е битка на храбрите за нивното достоинство, за нивната слобода, за слободниот глас. Драги пријатели, без слободен глас нема слободен човек. Без слободниот глас, човечкото достоинство не постои.

Без слободен глас, вашата судбина е во рацете на другите.

Без слободното гласање, нацијата нема внатрешен суверенитет, туку е едноставно угнетено мнозинство на нарко-диктаторот Еди Рама“, порача Бериша.

Според него граѓанската непослушност ќе продолжи се до „формирање техничка влада, која ќе спроведување слободни избори“.

Можете да прочитате

Се огласи жената која ја претепа Слобода Миќаловиќ: Почна да ја споменува мајка ми

Бојко Борисов: Ја повлекувам кандидатурата за премиер на Бугарија

Во Албанија во полициска акција приведени високи полициски функционери, судии и новинари