Утрински Весник
Свет

Глобалниот долг се искачи на рекордни 312 трилиони долари

20240926111822 Big 730x400 9.webp.webp

Глобалниот долг достигна рекордни 312 трилиони долари на крајот на вториот квартал од 2024 година, пред се поради растот на задолжувањето во САД и Кина, покажуваат денеска објавените податоци од Институтот за меѓународни финансии (ИИФ). Покрај Кина и САД, долгот го зголемиле и Индија, Русија и Шведска, а значително намалување забележале останатите европски земји и Јапонија.

Светскиот долг се зголеми за 2,1 трилиони долари во првата половина од годината и постои можност ситуацијата дополнително да се влоши поради намалувањето на каматните стапки.

Зголемувањето на задолжувањето во голема мера е последица на енергетската транзиција и преминот кон обновливи извори на енергија, оценува ИИФ.

Глобалниот однос на долгот и БДП – показател за способноста за отплата на долгот во споредба со произведеното – се стабилизира помеѓу 327 и 328 проценти, се вели во извештајот.

На пазарите во развој, односот на долгот кон БДП достигна нов максимум од 245 проценти.

Авторите на извештајот наведуваат дека се загрижени поради очигледниот недостаток на политичка волја за решавање на проблемот со долгот – како во напредните економии, така и на пазарите во развој.

ИИФ предупредува и на можно драстично згилемување на државните задолжувања ширум светот од сегашните 92 трилиони долари на 145 трилиони долари до 2030 година, а потенцијално да надминат 440 трилиони долари до 2050 година.

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд