Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова на ОН: Храбрите промени се клучни за глобална правда и безбедност

Img 4325.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во своето обраќање на Самитот на иднината во Обединетите Нации во Њујорк, повика на итно соочување со најгорливите проблеми на светот – војни, природни катастрофи, сиромаштија, нееднаквост и кршење на меѓународното право. Таа ја истакна потребата за длабоки реформи во Обединетите Нации, кои, како што рече, мора да се иницираат со решителна акција.

„Храбрите потфати се невозможни без длабоки реформи во ОН, зајакнување на мултилатерализмот и развивање на механизам за спреги и кочници меѓу генералниот секретар, Советот за безбедност и Генералното собрание,“ истакна Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека светот денес се соочува со големи закани за мирот, одржливиот развој и човековите права.

Според неа, реформите мора да бидат структурни, функционални и демократски, а улогата на Генералното собрание како претставничко тело на нациите треба да се зајакне. Таа истакна и дека Меѓународниот суд на правдата мора да добие посилна улога, со задолжителна примена на неговите пресуди за сите членки.

Сиљановска-Давкова ја постави потребата за поинтензивна соработка со граѓанското општество и поголема транспарентност на ОН, критикувајќи го проширувањето на Советот за безбедност само со неколку нови постојани членови. Наместо тоа, предложи поголемо учество на помалите држави како начин за заштита од доминацијата на големите сили. „Советот за безбедност го замислувам како своевидна светска коалициона влада,“ додаде таа.

Таа ја истакна важноста на Повелбата на ООН како темелен документ, повикувајќи на крај на непочитувањето и селективната примена на Повелбата, користејќи го примерот на Македонија. Дополнително, претседателката предупреди на климатската ранливост на Западен Балкан и нагласи дека е неопходна регионална стратегија за справување со климатските промени, посочувајќи ја соработката со ЕУ и ОН како клучен дел од решението.

Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова ја информираше меѓународната заедница дека Агендата 2023 е интегрирана во македонската национална стратегија за развој, а новоформираното Министерство за дигитална трансформација е одговор на современите дигитални предизвици.

Таа се заложи за заштита на лицата со посебни потреби и ранливите категории, посочувајќи ја високата позиција на Македонија во заштитата од дискриминација и насилство врз жените, благодарение на Законот за превенција и заштита од семејно насилство.

Како решение за егзодусот на младите, Сиљановска-Давкова најави формирање на Совет за млади и Совет за дијаспора. Според неа, Пактот за иднината и Глобалниот дигитален договор ќе обезбедат мир, просперитет и правда.

Самитот на иднината започна по американско време, со формално усвојување на Пактот за иднината, и покрај напорите на Русија да го попречи договорот. Македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН ја предводи Сиљановска-Давкова, а неа ѝ се придружија вицепремиерот Изет Меџити и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме