Утрински Весник
Македонија

Судир во Судскиот совет: Лична дискредитација и закани меѓу Весна Дамева и Лазар Нанев

2 Gorsel Galerisi 2.jpg

Судскиот совет на Република Северна Македонија денеска беше сведок на тензична расправа меѓу претседателката Весна Дамева и судијата Лазар Нанев, кои јавно разменија сериозни обвинувања за лична дискредитација, нарушен углед и омаловажување. Во фокусот на конфликтот се најде Љупчо Грков, братучед на Дамева, кој е бара со меѓународна потерница и е осуден на една година затвор во Лондон поради закани кон Нанев.

Нанев ја обвини Дамева дека не го заштитила од постојаните закани со убиство од нејзиниот братучед, кои траеле неколку години, како и дека таа се мешала во процесот за екстрадиција на Грков. Според Нанев, заканите не биле упатени само кон него, туку и кон неговото семејство, што сериозно ја нарушило неговата лична безбедност. Тој изјави дека очекувал Судскиот совет да го заштити, но смета дека наместо тоа, бил оставен на милост и немилост на овие закани.

Весна Дамева, пак, побара утврдување на одговорност за Нанев, обвинувајќи го дека неговите тврдења се неосновани и наменети за нејзина лична дискредитација. Таа нагласи дека е неспорен факт дека Љупчо Грков е нејзин роднина, но истакна дека поради неговото однесување не е во контакт со него од 2017 година. Дамева исто така посочи дека Нанев требало да бара заштита од надлежните институции, а не да ја вмешува неа и Судскиот совет.

Тензичната атмосфера кулминираше во момент кога Дамева реагираше на тонот на Нанев, обвинувајќи го дека зборува премногу гласно и ја плаши. Дополнително, таа го обвини Нанев дека целата ситуација е со цел да влијае на постапката што се води против него во Судскиот совет за несовесно и нестручно вршење на судиската функција. Според Дамева, Нанев остварил 95 телефонски повици со обвинетиот Ванчо Кузманов во текот на судскиот процес што го водел против него.

Нанев, пак, тврди дека кога се случиле телефонските повици, Кузманов бил само осомничен, а не обвинет, и дека неговото постапување било во рамки на службените обврски. Сепак, во меѓувреме, тој го ослободил Кузманов од обвинението за недозволено пренесување на акцизно добро, што дополнително ја влоши ситуацијата и ги поттикна обвинувањата против него.

Овој судир фрли ново светло врз состојбите во судството и функционирањето на Судскиот совет, отворајќи прашања за влијанието на лични интереси и конфликти врз правосудните процеси.

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер