Утрински Весник
Македонија

Министерот Тошковски на Џорџ Маршал безбедносниот форум во Охрид: Безбедносните предизвици ги надминуваме во соработка со нашите партнери

4 2.jpg

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска (31.08.2024) учествуваше на традиционалниот „Охридски безбедносен форум” во организација на дипломираните студенти на Маршаловиот центар за безбедносни студии, а во соработка со Европскиот центар за безбедносни студии и амбасадите на САД и СР Германија.

Министерот Тошковски во обраќањето истакна дека заедничките евроатлански вредности се основен двигател на земјите од Западен Балкан во надминување на своите разлики и продолжување на својот пат кон евроатланска интеграција.

„Како членка на НАТО, безбедноста и стабилноста значително се унапредија како за нашата земја така и за целиот регион. Многу потесно соработуваме со сите наши соседи кои се членки на Алијансата и заеднички придонесуваме кон самото функционирање н развој на Алијансата”, потенцираше меѓу другото министерот Тошковски.

Тошковски во обраќањето ги дефинираше главните безбедносни закани, трендови и предизвици со кои се соочува нашата земја како организираниот криминал и корупција, илегалната миграција, трговијата со луѓе, шверцот на мигранти…

„Илегалната миграција и различните форми на прекуграничен криминал се едни од нашите главни предизвици како министерство. Тука можам да ги спомнам и хибридните закани кои се регионални и глобални и преку неконвенционални акции, психолошки и сајбер напади, шпионажа, ширење на дезинформации чија цел е создавање на перцепција на несигурност и недоверба на граѓаните во демократските институции. Да се потсетиме на хибридните напади кои што ги имавме во 2022 и 2023 година на територија на целата држава”, подвлече министерот Тошковски.

Тошковски истакна дека со цел да се намали можноста за ширење на лажни вести, шпекулации и паника, МВР во склоп на своите надлежности редовно ги информира граѓаните и во таа насока го подвлече фактот дека за 2024 година министерството за внатрешни работи достигна 95.7% индекс на активна транспарентност, што го става во најдобрите три владини институции во транспарентност и отчетност пред граѓаните.

На крај Тошковски ги спомна и останатите предизвици со кои се справува министерството како тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам во сите свои форми – национален, политички и религиозен и подвлече дека останува посветено, заедно со другите земји од Западен Балкан и регионот и пошироко преку тесна соработка со сите меѓународни безбедносни институции да се бори во надминување на тие предизвици и обезбедување безбедност за сите свои граѓани.

Можете да прочитате

Со изложбата „Еве го човекот” заврши второто издание на ГИГА Фест

Санкции за превозни претпријатија поради неправилности при вршење јавен превоз со автобуси

Сиљановска Давкова ги пречека победниците на 37. Охридски пливачки маратон и ги додели пехарите