Утрински Весник
Спорт

Два месеци без плата и здравствено осигурување вработените во министерството за спорт

Borko.jpg

Во Агенцијата за спорт и млади, четириесетина вработени кои преминаа во новоформираното министерство за спорт веќе два месеци немаат плата, а може да останат и без третата. Цел месец немаат ниту здравствено осигурување поради проблеми со трансформацијата на нивниот работен однос од Агенцијата во новоформираното Министерство за спорт, пренесува Телма.

Министерот за спорт Борко Ристовски вели дека процедурата за трансформација е при крај и оти до крајот на наредната недела сите ќе добијат нови решенија и ќе ги добијат заостанатите плати.

Со измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, беше укината Агенцијата за спорт и млади, а беше формирано Министерство за спорт. Вработените во Агенцијата, кои вршеле работи од областа на младите, преминаа во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а вработените кои се занимавале со спорт преминуваат во новоформираното Министерство за спорт.

Вработените кои преминаа во Министерството за спорт не зеле плата за јуни и за јули, а од почетокот на август немаат ниту здравствено осигурување.

Министерот Ристовски вели дека по донесувањето на ребалансот на буџетот, почнал делбен биланс со Министерството за социјала, демографија и млади, кои се правни наследници на Агенцијата. Според него, усогласувањето е направено во најкус можен рок.

„По донесување на нова систематизација ќе следат решенија, трансфер на вработените и исплата на сите заостанати плати за кои се обезбедени средства“, вели Ристовски во писмената изјава.

Можете да прочитате

Хагерти за Надал: Организиравме сè онака како што сакаше Рафа

Поранешен фудбалер со нож нападнат во Њујорк

Намибиски новинар му одговори на Перез: Тој е фрустрирана личност