Утрински Весник
Свет

По Полска, индискиот премиер заминува во историска посета на Украина

Modi.webp.webp

Индискиот премиер Нарендра Моди, кој денеска отпатува во Полска, в петок ќе го посети Киев, што е прва посета на индиски премиер на Украина откако се воспоставени дипломатски односи пред 30 години

Моди денеска изјави дека ќе размени мислења за мирно решение на конфликтот во Украина за време на својата посета на Киев подоцна оваа недела.

– Како пријател и партнер, се надеваме на брзо враќање на мирот и стабилноста во регионот, изјави Моди пред да замине за Европа.

Индиското Министерство за надворешни работи соопшти дека тековниот конфликт меѓу Русија и Украина ќе биде централна тема на разговорите меѓу Моди и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

– Ова е исто така значајна и историска посета, бидејќи ова е првпат индиски премиер да ја посети Украина по повеќе од 30 години, откако ги воспоставивме нашите дипломатски односи, изјави портпаролот на министерството за надворешни работи Танмаја Лал.

Посетата се очекува да ги зајакне одбранбените, економските и технолошките врски меѓу двете нации. Ова ќе биде можност да се разговара за соработка во областа на одбраната, економијата, науката и технологијата и други сектори.

Моди прво ќе отпатува за Полска, пред да го направи десетчасовното патување до Киев преку југоисточниот полски град Пшемисл.

-„Ова ќе биде прва посета на индиски премиер на Полска во изминатите 45 години“, додаде Министерството за надворешни работи.

Претседателската канцеларија на Украина потврди дека двајцата лидери ќе потпишат неколку договори за соработка и ќе разговараат за билатерални и мултилатерални прашања.

Индија задржа неутрален став во однос на руската инвазија врз Украина, избегнувајќи директна осуда и повторувајќи дека се залага за дипломатија и дијалог.

– Конфликтот продолжува, и веруваме дека решението може да дојде само преку дијалог и дипломатија, изјави Лал.

Тој не потврди дали Моди ќе предложи мировен план за време на посетата, но го истакна учеството на Индија на самитот за мир во Украина кој се одржа во Швајцарија во јуни, повторно нагласувајќи ја посветеноста на Делхи за поддршка на решението.

Посетата доаѓа еден месец откако Зеленски го критикуваше патувањето на Моди во Москва во јули, кога се сретна со рускиот претседател Владимир Путин на истиот ден кога Русија изврши ракетни напади врз Украина, при што загинаа 41 лице, вклучувајќи и детска болница.

Зеленски го нарече состанокот „огромно разочарување и разурнувачки удар врз мировните напори“, изразувајќи жалење што лидерот на најголемата демократија во светот го прегрна Путин среде такво насилство.

Моди не ги коментираше директно ракетните напади, но изрази тага за загубата на животите, велејќи: „Кога невини деца умираат, кога гледаме невини деца како умираат, тогаш срцето боли. А таа болка е многу ужасна.“ 

Можете да прочитате

Три тела извлечени од потонатиот туристички брод во близина на брегот на Египет

Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата