Утрински Весник
Македонија

Обраќање на министерот за одбрана Мисајловски по повод одбележување на Денот на Армијата

8.jpg

Денеска во Центарот за обука на вода – Охрид се одржа централната свеченост, по повод 18 Август – Денот на Армијата. На денешната свеченост на која присуствуваше највисокото државно раководство, Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, гости од воено дипломатскиот кор, командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Грегори Најт, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот и други гости, генерал-мајор Сашко Лафчиски ја презеде должноста, началник на Генералштабот на Армијата од досегашниот началник Васко Ѓурчиновски.

По повод денешниот Ден на Армијата свое обраќање имаше Министерот за одбрана Владо Мисајловски кој пред присутните истакна дека е посебно горд на Армијата и сите нејзини припадници, воени и цивилни лица, затоа што Армијата е инспирација за успех, институција за пример за достигнување големи подвизи, за единство,  институција која има најголема доверба кај граѓаните.

Во своето обраќање министерот Мисајловски се осврна на важноста на, унапредување на билатералната, регионалната и соработката со соседите се со една цел, безбедна држава, стабилен и безбеден Регион и мир во регионални и глобални рамки.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на министерот за одбрана Владо Мисајловски:

Нека ни е честит Денот на македонската Армијата, да ни е вечен и вековит!

Денеска, прославуваме 32 години од формирањето на македонската Армија, институција на која сум посебно горд, затоа што е институција која со своите припадници е инспирација за успех, инспирација за достигнување големи подвизи, инспирација за единство, институција која има најголема доверба кај граѓаните, институција за пример.

Кога ќе со слушнеме зборот Армија, првите асоцијации ни се:

Херојство, храброст, безбедност, организираност, дисциплина, мировници, или со еден збор, заштитници!

Во сите овие изминати години развој на Армијата сите ние сме сведоци на жртвата на овие лица кои секогаш биле и се на браникот за заштита на своите сограѓани, во пожари, поплави, пандемија, кризни состојби. Тоа се овие лица околу нас, кои дале заклетва и тоа не било каква, туку заклетва на која се заколнале дека ќе ја бранат слободата, сувереноста и територијалниот интегритет на нашата татковина, Македонија. Па, има ли нешто посвето од ова! И токму затоа од срце, искажувам признание и огромна благодарност за нивната определба.

Но, да не ги заборавиме бранителите кои се одзваа на повикот на државата и кои за жал ја платија највисоката цена, ги положија своите животи за својата Македонија. На нашите херои, за нивната жртва и храброст вечно им се поклонуваме.

Нека им е вечна слава!

Во оваа прилика ги поздравувам и им се заблагодарувам на сите наши припадници за нивниот професионализам кои даваат во регионалната и глобалната безбедност. Во заштитата на Алијансата, распоредени во Латвија, Романија, Бугарија, во обезбедување стабилен Балкан, во Босна и Херцеговина и во Косово и во мисија предводена од Обединетите нации во Либан. Но, упатувам и благодарност до сите офицери и подофицери кои се дел од командните структури на НАТО, одбранбените аташеи и нашите претставници во седиштето на НАТО, кои достојно ја промовираат нашата земја.

Во овие кревки времиња од особена важност е билатералната и регионалната соработка, соработката со ЕУ, но од особена важност е соработката со соседите. Во тој контекст, за зајакнување на одбраната на Алијансата на неодамнешниот самит на НАТО, заедно со министрите за одбрана на Италија, Албанија и Бугарија потпишавме Писмо за намери во насока на олеснување на движењето на воените сили на сојузничките земји на Коридорот 8 со цел заштита на источното крило на Алијансата.

Она што ни претстои во нашата работа за одржување на стабилна и безбедна држава, но и за зачувување на мирот во глобални рамки е изработка на нови стратешки документи, нова Стратегија за одбрана, ажурирање на Долгорочниот план за развој на одбранбени способности и на Планот за опремување и модернизација.

Одбраната се потпира токму на овие документи кои мора да ги следат се поголемите промени на полето на безбедноста, и токму затоа потребно е и нивно ажурирање односно адаптирање согласно новите предизвици.

Тука сакам и лично да се заблагодарам на Премиерот бидејќи ни ја дава целата поддршка, и сакам навистина од името на Министерството за одбрана и на Армијата да Ви кажам едно големо благодарам и во делот на финансиски средства и во делот на секој еден ден што прашувате и се интересирате за Армијата. Ви благодарам.

Заложба на оваа Влада е да имаме Буџетот за одбрана, кој ќе одговори на сите побарувањата, Буџет кој ќе продолжи да расне и да ги надминува минималните 2% од БДП, согласно „Заложбата за инвестирање во одбраната” која беше усвоена на минатогодишниот самит на Алијансата во Вилнус.

Ќе продолжиме да инвестираме во одбраната, затоа што наша примарна обврска е заштитата и безбедноста на нашите граѓани, на нашата Македонија.

Но, тука сакам да ја истакнам и истовремено да се заблагодарам на сите сојузнички земји кои благодарение на нивната поддршка во опрема, едукација, обука, советодавна, придонесоа за развој на македонската Армија, која денес е НАТО Армија.

Остануваме посветени во исполнување на ветувањата, остануваме посветени во надградба и проширување на капацитетите на Армијата.

Од ова место упатувам благодарност и до останатите безбедносни институции и никако не смееме да ги заборавиме институциите кои се клучни во развојот на одбранбените способности, кои создаваат кадар потребен за унапредување на одбраната, идните лидери, започнувајќи од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”, Институтот за безбедност одбрана и мир и Факултетот за мир и безбедност.

Во контекст на заштитата, во наредниов период мора сериозно да направиме промени во делот на заштита на граѓаните и животната средина. Пустошот кој ни го остави претходната власт ни се рефлектира со илјадници хектари изгорена земја, штета која нѐ чини многу, ја чини Македонија и македонските граѓани.

И колку да имаме подготвен персонал независно дали се тоа пожарникари, припадници на армијата, доброволци, на кои сум им искрено благодарен за сета нивна борба, тие се немоќни затоа што немаат соодветна опрема и за жал, немаат воздушна поддршка која и тоа како е потребна. Од еден модерен центар кој беше креиран да создава пилоти не само за Армијата туку и за Полицијата за Дирекцијата за заштита и спасување, но и да нагласам, за сојузничките и партнерските земји, денес имаме само хангар со опрема која во моментов е не се употребува.  Но, јас од оваа говорница ветувам дека ќе вложам максимален напор овој Центар повторно да го активираме.

Пред да завршам со моето обраќање, сакам да му се заблагодарам на генералот Васко Ѓурчиновски, досегашниот началник на Генералштабот за неговиот придонес за развој на Армијата.  На новиот началник, генералот Сашко Лафчиски најнапред му честитам на изборот и посакувам да имаме успешна и плодна соработка, а која ќе биде воочлива и тоа ќе го види нашата Армијата. Сигурен сум дека вашето долгогодишно искуство и стекнато образование ќе придонесе за уште поголем развој на македонската Армија.  

Уште еднаш, НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ 18 ти АВГУСТ – ДЕНОТ НА АРМИЈАТА!

ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА!

ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА!

Можете да прочитате

Гаши ги отфрла обвинувањата за злоупотреба на службено возило при патувањето во Косово

Во Охрид исчезнати уште пет работници од Непал

(Видео) Катастрофални штети од пожарите во Светиниколско