Утрински Весник
Македонија

Пецаков: Пожарот на Галичица од македонска страна е под контрола, се надевам дека денеска ќе биде локализиран

20240815082516 Big 730x400 84.webp.webp

Се огласи градоначалникот на Охрид за пожарот на Галичица.

„Пожарот на планината Галичица од македонска страна е под контрола и нема опасност за населените места и за населението што гравитира на овој потег“, ова се последните информации од екипите што се на терен, информира Кирил Пецаков.

„Во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хеликоптера од страната на Охрид и од страната на Преспа. Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух. Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна, каде што има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налетот на огнот, експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии“, вели тој во својата објава.

Пецаков се надева и верува дека во текот на денешниот ден пожарот ќе биде локализиран и дека ќе се спречи неговото ширење понатаму.

„Им благодарам на сите вклучени на терен, кои со несебичен напор, ден и ноќ, се борат со огнената стихија. Упатувам апел до медиумите, новинарите, населението и туристите да не шират непотребна паника, да споделуваат проверени информации и да се информираат само од релевантни извори“, посочи Пецаков.

Пожарникари, припадници на планинската спасителна група, ренџери од НП Галичица, членови на алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид, доброволци, хеликоптери и „ер трактори“ веќе 10 дена се ангажирани во гаснењето на пожарот на Галичица. Од синоќа на социјалните мрежи се споделува апел до сите граѓани да помогнат во гаснењето на пожарот на планината, кој веќе премина од страната на Охрид откако претходно почна на страната на Албанија и се прошири на македонска страна кон Преспа.

Можете да прочитате

Затвореник баран со потерница украл возило па излетал од патот

86годишна жена измамена за 10.000 евра

Министерот Николоски тврди дека „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“ го напаѓаат владиниот план за влез на унгарски „4iG“