Утрински Весник
Македонија

Реновирани простории на Институтот за радиологија, со реорганизација намалено чекањето на резултати

Screenshot 2112.jpg

Министерот за здравство Арбен Таравари заедно со директорката на Универзитетскиот институт за радиологија, доктор Соња Николова, денеска ги посетија реновираните простории на Институтот во рамки на Хируршките клиники.

Инвестицијата на Институтот опфаќа реновирани простории, осовременување на условите за работа на кадарот, како и за третман на пациентите. Реновирањето опфаќа обнова на подови, нови врати, прозори. Како што беше истакнато, станува збор за инвестиција на Институтот од над шест милиони денари, од кои 1.7 милиони денари биле обезбедени со поддршка од Амбасадата на Народна Република Кина и наменети за реновирање на просториите.

– Дополнително сакам да истакнам дека во рамки на оваа инвестиција со средства обезбедени од Министерството за здравство, е комплетирана и ангио салата на Институтот за радиологија, информираше Таравари.

Паралелно со осовременување на условите за третман на пациентите во оваа област, како што беше нагласено, посебен фокус се става и на зајакнување на кадарот. Па така, во следниот период ќе се работело на мотивирање и стимулирање што е можно повеќе доктори да специјализираат во областа на радиологија.

Директорката се осврна на проблемите со што се соочуваат во моментов.

– Точно е тоа дека моравме да направиме внатрешна реорганизација со постоечкиот кадар. Имаме проблем со кадарот и одлевање во приватното здравство, имаме доста кадар што замина во пензија. Така што, со постоечкиот кадар, што не е доволен, моравме да направиме внатрешна реорганизација за да го намалиме чекањето на наоди. Се работи втори смени, се работи викенди, тоа е добра волја на луѓето кои се зад мене и морам да им се заблагодарам. Доста расчистивме од заостанатите наоди, имаме уште малку работа за да застанеме на здрави нозе и да се организираме поинаку, соопшти Николова.

За чекањето сега рече оти не може да каже точно колку е, но, било многу помалку од претходно.

– Сигурно дека е помалку од претходно. Преполовена е работата. И мораме да водиме сметка дека ова е еден системски проблем. Ова е проблем што е генериран со години. Мораме да бидеме трпеливи, да имаме разбирање. Ние сме тука за пациентите и на почетокот и на крајот од денот. Нашата цел е таа – да пружиме една беспрекорна грижа за нашите пациенти и не само да добијат навреме резултати, туку да добијат и квалитетни и точни резултати, затоа што квантитетот ништо не значи, ако на крајот на денот, добивате неточни резултати или не добри или несоодветни, техничкиот квалитет на прегледи ако не ви е задоволен, така што, многу аспекти треба да се разгледуваат, посочи Николовa.

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!