Утрински Весник
Свет

СБ на ОН повика на зголемени дипломатски напори по атентатот на лидерите на Хамас и Хезболах

Za Bezbednost.webp.webp

На итната седница, оддржана ноќеска, Советот за безбедност на ОН повика на зголемени дипломатски напори за спречување на поширока војна на Блискиот Исток, по убиствата на водачите на милитантните групи Хамас и Хезболах.

Кина, Русија и Алжир синоќа го осудија убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, што иранскиот амбасадор во ОН го нарече терористички чин, додека САД, Обединетото Кралство и Франција посочија дека Иран ги поддржува дестабилизирачките актери во регионот.

-Се плашиме дека регионот е на работ на сеопфатна војна, рече заменик-претставникот на Јапонија во ОН, Шино Мицуко, и ја повика меѓународната заедница да спречи таков конфликт.

Кинескиот амбасадор во ОН, Фу Конг, изјави дека неуспехот да се постигне прекин на огнот во Газа е одговорен за влошување на тензиите, пренесуваат британските меидуми.

-Земјите со големо влијание мора да извршат поголем притисок и да работат поенергично за да го изгаснат пламенот на војната во Газа, додаде амбасадорот Фу.

Британската амбасадорка во ОН, Барбара Вудворд, повика на смиреност и воздржаност и го повтори повикот за итен прекин на огнот во Газа. Таа истакна дека Израел и Хамас мора повторно да се обврзат на мировен процес што ќе резултира со решение за две држави со безбеден Израел и суверена палестинска држава.

-Патот кон мирот мора да биде преку дипломатски преговори. Долгорочниот мир нема да биде обезбеден со бомби и куршуми, рече Вудворд.

Роберт Вуд, заменик-амбасадорот на САД во ОН, ги повика членовите на Советот за безбедност кои имаат влијание врз Иран „да го засилат притисокот врз него за да престане да ескалира конфликтот против Израел и другите актери“.

Иранскиот амбасадор во ОН, Амир Саид Иравани, рече дека Техеран постојано покажува максимална воздржаност, но го задржува правото да одговори одлучно.

Тој го повика Советот за безбедност да го осуди Израел и да го казни со санкции.

Заменик-претставникот на Израел во ОН, Џонатан Милер, го повика Советот за безбедност да го осуди Иран за поддршка на регионалниот тероризам и да ги зголеми санкциите против Техеран.

-Ќе се браниме и ќе одговориме со голема сила против оние кои ни штетат, рече Милер и го повика светот да го поддржи Израел.

Можете да прочитате

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња

Уште една европска земја воведува туристички такси

Путин: Ако Киев стане нуклеарна сила, Русија ќе го употреби целото свое оружје против Украина