Утрински Весник
Македонија

Свечено затворање на јубилејното 45. издание на „Скопско лето“

Kameren Orkestar Na Mmm.jpg

Овогодишното јубилејно 45-то издание на манифестацијата „Скопско лето“ свечено ќе се затвори утревечер, 31.07.2024г. (среда) со почеток во 20:30ч. во Сули ан, со концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ под диригентската палка на Иван Еминовиќ. Солисти: Симеон Гошев – виолина, Енис Аљи – виолончело.

Љубителите на класичната музика ќе имаат можност да уживаат во изведбата на дела од Вивалди, Аврамовски, Попер, Зографски и Шуплевски.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 37 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид 1986г.

Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа, составен е од студенти на ФМУ – Скопје, но и од гости и млади музичари од други земји. Во досегашниот период имаат учествувано 350 млади, како и голем број на млади, но и афирмирани светски солисти.

Со своето музицирање во сиот овој период се наметна на музичката јавност, не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети. Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Корунвски, С. Николовски – Ѓумар, В. Николовски – Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Иван Еминовиќ, со постојана тенденција за промоција на млади диригенти и солисти.

Оркестарот има реализирано повеќе од 100 концерти, добивајќи голем број високо позитивни критики, но и национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар, оркестарот има изведувано дела од современи и од македонски автори.
Како признание за постигнатите резултати во 1995г. Оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50 годишнината од основањето на Светската федерација на Музичка младина.

Оркестарот има остварено повеќе ТВ и радио снимки, како и сопствена ЦД продукција (5 изданија). Веќе 37 години завршниот концерт на Летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег