Приватните спцијализанти се очекува денеска да се сретнат со министерот за здравство Арбен Таравари.
Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина вчера во изјава за МИА информира дека средбата со Таравари ќе се одржи во 10 часот во просториите на Министерството за здравство.
Министерот за здравство, Арбен Таравари вчера соопшти дека на денешната владина седница е донесена одлука за вработување на 600 приватни специјализанти од кои 300 до крајот на годинава.
-Уште едно реализирано ветување. До крајот на годинава ќе се вработат 300, а идната година плус 300 приватни специјализанти. Денеска по предлог на Министерството за здравство, на владина седница ја разгледавме и ја усвоивме информацијата за вработување приватни специјализанти од областа на здравството, неопходни за јавните здравствени институции во Република Северна Македонија за 2024 година, напиша на социјалните мрежи Таравари.
Со оваа одлука, како што посочи Таравари, Министерството за финансии се задолжува до декември 2024 година да обезбеди дополнителни финансиски средства во износ од 38.000.000 денари за вработување на 300 приватни специјализанти.
Специјализантката Илиоска Чешлароска поздрави владината одлука за вработување на приватни специјални, но повеќе информации како ќе се одвива целиот овој процес очекуваат да добијат на денешната средба со министерот за здравство Арбен Таравари.
-Ние за утре имаме закажано средба со министерот за здравство Арбен Таравари, па претпоставувам дека на таа средба ќе се дискутира подетално како ќе се одвиваат тие вработувања. Прочитавме дека ќе бидат 300 оваа година, а 300 следната. Утре очекуваме да се прецизира кои ќе бидат во првата група на вработувања, што ќе биде со оние колеги кои нема да бидат опфатени во првата етапа на вработување итн. Вработувањето како точка беше едно од нашите барања, но мора да видиме како ќе се одвиваат тие вработувања, на кој начин, што со оние колеги кои нема да бидат опфатени со вработувањето, дали нив ќе им бидат покачени платите и како ќе се одвива. Да видиме која е нивната замисла, рече Илиоска Чешлароска.
Приватните специјализанти изминатиот период постојано бараа подобри услови за работи и повисоки примања. Тие организираа неколку протести, а во април годинава стапија и во генерален штрајк. Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.
На државните клиники во земјава работат околу 400 приватни специјализанти за месечен надоместок од 26.000 денари, а едно од нивните барања беше негово покачување на 40.000 денари.