Унгарија ќе го блокира повратот на средства од Европската Унија за земјите членки кои и дистрибуира воена опрема на Украина, се додека Киев не дозволи транзит на нафта од руската компанија „Лукоил“ преку нафтоводот „Дружба“ што минува низ украинска територија, најави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
– Додека Украина не го реши ова прашање сите нека заборават на исплатата на компензацијата од 6,5 милијарди евра од Европскиот мировен фонд (ЕПФ) за трансфери на оружје, изјави Сијарто Унгарија и Словачка во понеделникот побараа од Европската комисија да посредува во „процедурата за консултации со Украина“, откако Киев ја додаде „Лукоил“ на нејзината листа на санкционирани, што опфати и прекин на испораките на нафта од руската компанија за двете земји.
Портпаролот на Европската комисија за земјоделство и трговија Олоф Гил вчера потврди дека извршниот потпретседател на ЕУ задолжен за економија во интерес на луѓето Валдис Домбровскис примил заедничко писмо од министрите за надворешни работи на Словачка и Унгарија во кое се наведени последиците од украинската одлука за прекин на снабдувањето со нафта од „Лукоил“ преку нафтоводот „Дружба“.
– Во моментов ја проучуваме содржината на писмото и разгледуваме повеќе информации, пред да донесеме одлука, рече Гил, додавајќи дека засега нема директно влијание врз снабдувањето со нафта на ЕУ од прекинот на дистрибуцијата на нафта од „Лукоил“ преку украинска територија, но дека ситуација се следи во рамки на Групата за нафтена координација.
Тој информира дека ЕК е во контакт со владите на Словачка и Унгарија, како и на Украина, но нагласи дека при ваквиот тип на процедури, само ЕУ претставувана од Комисијата, а не и одделни земји членки, може да иницира некакви мерки или постапки.
Словачка и Унгарија уште минатата недела соопштија дека престанале да добиваат нафта од „Лукоил“ преку нафтоводот „Дружба“.
Унгарија од „Лукоил“ добива околу два милиони метрички тони нафта годишно, што претставува околу една третина од вкупниот нафтен увоз на земјата.
Нафтоводот „Дружба“, со вкупна должина од околу 4000 километри, е изграден кон средината на 60-те години на минатиот век со цел да дистрибуира нафта од тогашниот Советски Сојуз до државите од социјалистичкиот блок во Источна Европа.
Нафтоводот продолжи да функционира и по распадот на советскиот блок, но и по руската инвазија врз Украина, и покрај одлуката на ЕУ за намалување на зависноста на нејзините земји членки од енергенси од Русија.
Преку нафтоводот „Дружба“ транзитираат околу половина од вкупните испораки на нафта на „Лукоил“, од кои целосно зависат рафинериите на унгарската енергетска компанија МОЛ во Унгарија и Словачка.
Сијарто во понеделникот во Брисел, каде присуствуваше на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ, најави дека Унгарија и Словачка и даваат на Европската комисија рок од три дена да одговори на нивното барање и доколку „консултативната процедура“ не даде резултати тие ќе го покренат прашањето пред „меѓународен суд по нивни избор“.
Инаку, Европскиот мировен фонд (ЕПФ), кој е формиран во 2021 година, функционира како шема за поврат на средства за членките на ЕУ за дистрибуција на воена опрема во други земји.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, земјите членки на ЕУ кои му испорачаа оружје и муниција на Киев може да побараат исплата на компензација од Фондот за испораките.
Унгарија повеќе од една година ја блокира исплатата на следната транша од средствата од ЕПФ, образложувајќи ја својата постапка со различни причини.