Ребалансот е на штета на домашните компании, Владата нема системски одговор на економските предизвици, вака може да не турне во провалија бидејќи ја нарушува стабилноста и одржливоста на системот, граден во услови и на најголеми кризи, истакна пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, во интервју за порталот „Локално”.
Битиќи нагласи дека проекциите за буџетскиот дефицит и зголемувањето на јавниот долг се навистина загрижувачки и покажуваат недостаток на одговорност и далекувидност од страна на новата влада, кај која не се артикулира јасна визија и стратегија за развој.
-Се предвидува дефицит од фрапатни 4,9% и динамика на зголемување на јавниот долг на ниво од 68%. Ова се економски индикатори кои укажуваат на отсуство на намера и способност државата да се води кон стабилност и просперитет. Со овој раст на дефицитот и јавниот долг, успеваат да создадат множество на реални ризици кои ќе ја поништат и драматично намалат реалната куповна моќ на пензионерите со предвиденото линеарно покачување. Во оваа ситуација, покачувањето на пензиите станува празно ветување, потенцираше Битиќи.
Битиќи нагласи дека со овој раст на дефицитот и долгот растат и ризиците по кредитниот рејтинг и довербата на државата, односно може да доведат до намалување на довербата кај меѓународните инвеститори и кредитори.
-Но ова очигледно не им е грижа, бидејќи премиерот гради вонинстиуционална и во четири очи доверба со Влади кои имаат поинакви политички и економски разбирања од оние на развиените западноевропски држави, вели Битиќи.
Тој нагласи дека со овој ребаланс е донесена една од најнеодговорните одлуки на Владата со која се предизвикува директна штета на домашните компании.
Финансиските средства кои се реализираат преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, каде 99% корисници се домашни компании, се кратат за речиси 5 милиони евра, а дополнително кратат и околу 2,5 милиони евра наменети за привлекување странски директни инвестиции и развој на слободните економски зони, истакна Битиќи во интервју за порталот „Локално”.