Утрински Весник
Свет

Британските конзервативци остварија најлош изборен резултат од Втората светска војна

1707217845 Unnamed File.webp.webp

Лабуристичката партија освои убедлива победа на општите избори во Велика Британија, завршувајќи го 14-годишното владеење на конзервативците и отворајќи ја вратата на Даунинг стрит за нивниот лидер Кир Стармер, покажува излезната анкета.

Според проценките што ги објави британската телевизија, лабуристите, позиционирани лево од центарот, освојуваат 410 места од 650 во Долниот дом на британскиот Парламент.

Конзервативците, пак, освоија 131 пратеничко место, што е нивни историски најлош резултат. Гласачите ги казнија за кризата со трошоците за живот, годините на нестабилност и внатрешнита борби во кои партијата имаше пет различни премиери од 2016 година.

Либералдемократите треба да добијат 61 место, а антиимиграциската Реформска партија на Брегзит во Обединетото Кралство и десничарски популист Најџел Фараж постигнува подобар резултат од очекуваното со 13 места.

Премиерот во заминување Риши Сунак во мај го запрепасти Вестминстер и многумина во неговата партија со распишувањето на предвремени избори, иако беше познато дека конзервативците заостануваат во анкетите зад лабуристите за околу 20 поени.

Тој се надеваше дека ќе ја намали разликата како што традиционално се случува на британските избори, но не успеа да го стори тоа во многу лоша кампања.

Предвременото заминување на Сунак од комеморацијата за Денот Д во Франција за да даде претходно договорено ТВ интервју ги налути ветераните, па дури и оние во неговата партија кои кажаа дека тоа го отвора прашањето за неговата политичка остроумност.

Ако излезната анкета се покаже како точна, таа претставува неверојатен пресврт за Стармер и лабуристите, за кои се велеше дека до пред само три години се соочуваа со егзистенцијална криза.

Но, серијата скандали – пред се, откритијата за забавите во Даунинг стрит за време на карантинот за Ковид-19 – го закопаа тогашниот премиер Борис Џонсон и до ноември 2021 година водството на конзервативците, поголемо од кога било за време на 11-годишната влада на Маргарет Тачер, веќе беше исчезнато.

Катастрофалната шестнеделна премиера на Лиз Трас, која дојде на позицијата откако Џонсон беше принуден да ја напушти функцијата на крајот на 2022 година, го зацврсти падот, а Сунак не успеа да направи никаков пресврт. 

Можете да прочитате

Кобахидзе: Во Грузија нема да се повтори сценариото на украинскиот „Мајдан“

Во Грузија уапсени над 100 демонстранти

Бунтовниците контролираат половина од градот Алепо