Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат, огромен број од нив не се одобрени

Vesna Janevska Vesna Janevska 1 1.jpg

Мнистерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието ќе утврдат по кои учебници ќе учат седмоодделенците во претстојната учебна година бидејќи до 1 септември не ќе може да се отпечатат нови согласно новите наставни од Концепцијата за основно образование.

Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека за ден-два ќе биде соопштено во јавноста како ќе учат основците во седмо одделение, посочувајќи дека иако било соопштено дека учебници на 1 септември ќе има и за седмо одделение, „фактичката состојба е сосема различна“.

Волшебно стапче да имаме, ние до септември како Влада не можеме да стигнеме да обезбедиме учебници за во седмо одделение. Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат. Не само што не се дадени во печат, огромен број од нив не се одобрени. Некои не се ни напишани, значи не е креиран учебникот. Некои не поминале рецензија, изјави Јаневска пред отворањето на конференција за инклузивно образование организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Поради тоа, неколку дена, рече, имаат разговори со Бирото за развој на образованието за да се надмине проблемот, а решението веројатно е учениците од седмо и наредната година да учат од старите учебници, односно тие што беа досега во употреба. Доколку законот, рече, не дозволува, за одреден период ќе биде одложена примената на Концепцијата за преостанатите одделенија – седмо, осмо и деветто.

Со тоа што мора да провериме дали тие учебници одговараат на наставните програми. Имаме едно образложение од Бирото дека се прилично компатибилни, освен за две до три теми за кои може да се направат наставни материјали. Но, разговорите и дискусиите се уште траат и доколку законското решение не дозволува ништо поинаку, ние ќе ја одложиме концепцијата на извесен период за учениците од седмо, осмо и деветто одделение да имаат учебници, посочи Јаневска.

Додаде дека наставниците ќе треба да бидат спремни да им ги предаваат темите со тоа што ќе обезбедат одредени наставни материјали од кои децата ќе учат, да им посочат друга литература, интернет литература.

Мене ми е многу жал, но во Македонија ниту учениците, ниту наставниците се спремни да работат комплетно без учебници. Но, не е така страшно затоа што некои земји од Западот, на пример Шведска, кои користеле само дигитални учебници или воопшто не користеле, увиделе дека е потребно да им се вратат учебниците на децата од многу причини, додаде министерката.

Можете да прочитате

Исчезнат е Виктор – најблиските бараат помош од граѓаните

Денеска се празнува света великомаченик Мина

СДСМ ќе го одржи 30-тиот конгрес