Одделот за криминалистичка полиција преземаше предистражни дејствија и во координација со СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против М.Р., директорка на детска градинка во скопска општина и против поранешен градоначалник на една скопска општина за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувањата” од чл.353 од КЗ.
Имено, првопријавената М. Р., како директор на детска градинка на 12.05.2021, по објавен оглас за јавна набавка на стоки – електрична опрема за детска градинка – две машини за перење на алишта, со пречекорување на своите службени овластувања, знаејќи дека максималниот износ на набавката требало да биде во вредност од 1.300.000,00 денари без ДДВ, кои средства требало да бидат обезбедени од сопствената сметка на договорниот орган, како најповолен понудувач избрала правно лице од Скопје, иако понудило цена во износ од 1.329.800,00 денари без ДДВ, за што донела и Одлука за обезбедување на дополнителни средства и изменување на одлуката за јавната набавка, со кое склучила Договор за јавна набавка на вкупен износ од 1.569.164,00 денари со вклучен ДДВ, иако од истото правно лице не била доставена банкарска гаранција со самото склучување на договорот во износ од 156.916,00 денари, кој исто така не го испочитувал рокот за достава и набавените машини и наместо за 15 дена ги доставил со задоцнување од околу 150 дена од склучувањето на договорот, по што првопријавената М.Р. со неизвршување на своите службени овластувања, наместо да го раскине склучениот договор со избраниот понудувач, да активира негативна референца во е-системот на Бирото за јавни набавки и да поведе постапка за наплата на договорената казна во износ од 81.596,00 денари, таа не го направила тоа.
Второпријавениот како градоначалник на една скопска општина со пречекорување на своите службени овластувања, иако знаел дека средствата за плаќање на машините требало да бидат обезбедени од сопствената сметка на градинката, извршил промена со проширување на буџетот на општината во делот дотации во износ од 1.534.000,00 денари, и истите на 29.11.2021 ги префрлил на сметката на градинката, кои парични средства од страна на првопријаваната М.Р. истиот ден биле платени кон избраниот понудувач, додека на 22.12.2021 година извршила плаќање на средства во износ од 35.164,00 денари од сопствената сметка на градинката, на кој начин првопријаваната и второпријавениот го оштетиле буџетот на општината за износ од 1.534.000,00 денари, додека првопријавената го оштетила буџетот на градинката во износ од 273.676,00 денари како ненаплатена банкарска гаранција и договорена казна и исплатените парични средства од сопствената сметка, на кој начин му овозможиле на правното лице од Скопје да се стекне со противправна имотна корист во износ од 1.807.676,00 денари.