Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека Русија концентрирала хибридни напади врз Финска со испраќање мигранти, се со цел да ја дестабилизира таа земја, која цврсто ја поддржува Украина и која влезе во НАТО пред една година.
Финска ја затвори границата во средината на декември 2023 година по приливот на 1.000 илегални мигранти од руска територија од средината на август. Двете земји имаат заедничка граница долга 1.340 километри, а Хелсинки ја обвинува Москва дека систематски испраќа мигранти во Финска. Русија ги отфрла обвинувањата.
„Од хибридниот напад на Белорусија во ноември 2021 година врз Литванија, Полска и Латвија, сите знаеме дека Путин и неговите сојузници ги инструментализираат мигрантите за да ја тестираат нашата одбрана и да не дестабилизираат“, рече шефицата на Европската комисија.
„Сега Путин се фокусираше на Финска“, додаде таа.
Претседателката на ЕК се сретна со финскиот премиер Петри Орп во градот Лапеенранта на југоистокот на земјата, на околу 30 километри од руската граница, при што разговараа за тоа што „ЕУ и Финска можат да направат за да спречат инструментализација на финската граница .
Во април Финска одлучи граничните премини да останат затворени. Односите меѓу Хелсинки и Москва се влошија по руската инвазија на Украина. По приемот на Финска во НАТО, Москва најави „контрамерки“.
Финска подготвува и закон за да се спротивстави на доаѓањето на мигрантите.