Утрински Весник
Балкан

Србија/Истражување: Секој трет ученик учествува во најмалку една тепачка годишно

Srbi A.webp.webp

Третина од учениците учествувале во тепачка најмалку еднаш во текот на годината, покажа истражувањето за здравственото однесување на училишните деца во Србија во учебната 2021/2022 година спроведено од Институтот „Батут“.

Весникот Политика денеска објави дека има забележителен пораст на агресивното однесување на девојчињата и дека ученичките почесто ги злоупотребуваат своите врсници во споредба со претходното истражување спроведено во 2018 година.

Психологот Ана Мирковиќ за Политика вели дека истражувањето на однесувањето и навиките на училишните деца покажува дека општеството во кое живееме станува се поагресивно. „Децата и младите растат во култура на насилство, во која агресијата е сеприсутна и стана валута за комуникација“, рече Мирковиќ.

Околу 41 отсто од учениците во прво одделение во средно училиште изјавиле дека првата сексуална врска ја имале на 15 години, а петтина дека првото интимно искуство го доживеале на 11 години.

Истражувањата покажаа дека учениците го поминуваат најголемиот дел од слободното време користејќи интернет, а секој 11-ти ученик ги користи социјалните мрежи повеќе од седум часа дневно.

Секој петти испитаник изјавил дека му е полесно да зборува за своите чувства на интернет отколку лично.

Речиси 40 отсто од учениците се чувствувале нервозни еднаш неделно или почесто, додека третина биле раздразливи, а петтина се жалеле на повремена несоница.

Истражувачкиот примерок го сочинуваа 198 паралелки од петто и седмо одделение од основните училишта и од прво одделение од средните училишта, а на прашањата на институтот „Батут“ одговориле вкупно 3.713 испитаници.

Можете да прочитате

Авион принудно слета на аеродромот во Мостар, нема повредени

Косовската полиција во филијалите на српската Поштенска штедилница во северно Косово запленила 1,6 милиони евра и 74,7 милиони динари

Вучиќ пристигна во Њујорк заради гласањето на резолуцијата за Сребреница во ОН