Утрински Весник
Свет

Зеленски го нападна Шолц поради оружјето кое не и’ го дава на Украина: Тоа нема да ве заштити ако избие нуклерна војна

Video Zelenski Novite Sankcii Na Evropskata Uni A E Gi Namalat Qh0yydrxtoov6we7faz3vbl485tsswqea4ubp6871c.jpg

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше германскиот канцелар Олаф Шолц затоа што одбил да испрати крстосувачки ракети „Таурус“ од германско производство на Киев и посочи дека одлуката се засновала на неговата желба да го задржи оружјето за да ја одбрани Германија од потенцијална руска закана.

„Колку што разбрав, канцеларот верува дека, како претставник на ненуклеарна држава, ова е најмоќното оружје што го има Германија“, рече Зеленски за ракетите Таурус во интервју за германските медиуми.

„Ми испрати пораки во кои вели дека не може да ја остави својата земја без толку моќно оружје“, додаде Зеленски за Шолц.

Германската влада, потсетува Политико, на сопствената јавност и претставила други причини за одбивањето да го испрати оружјето во Украина. Имено, Шолц упорно одбивал да ги испрати проектилите Таурус во Киев, јавно велејќи дека таквиот потег може да доведе до ескалација на војната, па дури и да ја вклучи Германија во директен конфликт со Русија.

Украинците сакаат германските ракети Таурус, кои имаат дострел од околу 500 километри и носат моќна боева глава, да погодат цели длабоко зад линијата на фронтот, како што е мостот што ја поврзува Русија со окупираниот украински полуостров Крим.

Зеленски рече дека Шолц ги гледа ракетите Таурус како средство за одвраќање од нуклеарен напад, иако Украинецот веднаш додаде дека не гледа логика во тоа.

Какви било проектили, рече тој, нема да заштитат никого од нуклеарни напади, ако, не дај Боже, избие нуклеарна војна.

Шолц, сепак, изнел значително различни аргументи пред германската јавност, прикажувајќи се себеси како лидер кој може да и пружи помош на Украина без да премине т.н. „црвени линии“, кои, според Шолц, може да доведат до проширување на војната. Некои политичари во неговата централно-левичарска Социјалдемократска партија го нарекоа „канцелар на мирот“ поради ваквиот пристап.

Иако членовите на неговата коалициска влада – заедно со конзервативните опозициски лидери – го повикаа да испрати проектили Таурус во Украина, Шолц одби, тврдејќи дека потегот ќе ја испровоцира Русија.

„Тоа е линија што не сакам да ја преминам како канцелар“, рече Шолц во март, а потоа додаде: „Имам одговорност да ја спречам Германија да се вклучи во оваа војна“.

Во интервјуто, Зеленски го нападна не само неподготвеноста на Германија да ги испрати ракетите, туку и бавноста на САД да им дозволи на украинските сили да користат борбени авиони Ф-16 и ракети АТАКМС испорачани од САД.

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници