Утрински Весник
Свет

Снегот создаде хаос во Шведска, возачи 10 часа заглавени на патиштата

Profimedia 0862120952 830x0 1.jpg

По пролетниот викенд, Шведска се соочи со студен бран и обилен снег, особено во јужниот дел на земјата.

Колоните на патот Е4 кај Јенчепинг во вторникот беа долги дури 25 километри, а некои луѓе кои ноќе спиеја во своите автомобили сè уште беа заглавени во сообраќаен метеж во средата наутро.
Локалните жители велат дека ова е најлошата бура од 1995 година, објавија шведските медиуми.

Како што се зголемуваа извештаите за заглавени возачи, министерот за инфраструктура Андреас Карлсон беше принуден да се повлече од состанокот со неговите колеги во Брисел за да се справи со кризата.

На прес-конференцијата во средата попладне, Карлсон рече дека „најлошото помина“ и сообраќајот постепено се обновува на повеќето патишта.

Тој ги повика и возачите кои веќе ставиле летни гуми на возилата да не возат по снежните патишта од која било причина. Тој посебно се осврна на возачите на камиони кои немаат „соодветни гуми“, посочувајќи дека застојот на „тешките возила“ во многу случаи е одговорен за блокирање на сообраќајот на делови од патната мрежа во последните 24 часа.

„Рано е да се каже кој е виновен, но очигледно е дека може да се подобри одржувањето на патната мрежа“, додаде шведскиот министер за инфраструктура.

Камионџиите, пак, ја критикуваа власта за одговорноста што им ја припишува за сообраќајниот хаос, а претставници на опозицијата ја обвинија власта за неактивност.

„Дали владата се уште е на велигденски одмор?“, праша Лена Халенгрен, шеф на пратеничката група на социјалдемократите.

Можете да прочитате

Мнозинството Европејци оптимисти за иднината на ЕУ 

Лавров: Зеленски и Кулеба зборуваат спротивно за перспективата на преговорите со Русија

Блинкен се сретна со својот кинески колега Ванг Ји во Лаос