Во текот на истрагата поврзана со членовите на Хамас, уапсени во декември во Германија и Холандија, истражителите открија складиште со оружје што требало да се користи за напади врз еврејски објекти во Германија, објавија германските медиуми.
„На југот на Бугарија, во подземен магацин беше пронајдено оружје и муниција што требаше да се користи за напади на Хамас врз еврејски цели во Германија, особено во Берлин“, пишува „Шпигел онлајн“, цитирајќи извори во Германската служба за криминал (БКА). .
Според истите изјави, пронајденото оружје сега е делумно неупотребливо поради ‘рѓа.
Сознанието за магацинот за оружје е добиено преку анализа на мобилниот телефон на еден од четворицата Палестинци уапсени во декември во Берлин и Холандија поради сомнение дека подготвувале магацини за оружје во Европа, кои треба да се користат за терористички напади, на наредба на Хамас.
Како што дополнително се сомнева и главниот државен обвинител, уапсените веројатно подготвувале и слични подземни магацини во Полска. Во автомобилот на тројца од нив при контрола на германско-полската граница биле пронајдени лопати.
Германските и европските органи за спроведување на законот добиле информации за членовите на милитантното крило на Хамас од израелското разузнавање.
Во јануари германските власти објавија дека наредбата за подготовка на магацини за оружје ширум Европа ја дал самиот Калил ал-Караз, заменик командант на милитантното крило на Хамас, кој во меѓувреме беше убиен во израелски напад.