Утрински Весник
Балкан

Се укинуваат контролите на внатрешните воздушни и поморски граници на Бугарија и Романија со останатите членки на Шенген зоната

20240330161023 Big 730x400 48.jpg

Денеска стапува во сила одлуката на Советот на ЕУ од декември минатата година за укинување на аеродромските и пристанишните гранични контроли при патувања меѓу Бугарија и Романија и останатите членки на Шенген зоната.  Покрај отворањето на воздушниот и поморскиот Шенген простор за Бугарија и Романија, во двете земји од денеска се применуваат и шенгенските правила, вклучително и издавањето Шенген визи. Контролите на копнените граничи премини на Бугарија и Романија со земјите од Шенген зоната и натаму остануваат во сила.  Честитајќи го, како што наведе, приемот на Бугарија и Романија во Шенген зоната, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен оцени дека денешниот е важен ден за ЕУ.  – Го поздравувам укинувањето на контролите на внатрешните воздушни и поморски граници. Ова е голем успех за двете земји и историски момент за Шенген зоната – најголемата област на слободно движење во светот. Заедно, градиме посилна и пообединета Европа за сите наши граѓани, порача Фон дер Лајен.  Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според ЕК, од минатиот декември, двете земји ги презеле сите неопходни мерки со цел од денеска да обезбедат непречена примена на Шенген правилата.   За таа цел на почетокот на овој месец беа договорени Рамки за соработка на Европската комисија со Бугарија и Романија во управувањето со границите и миграцијата, кои се надоврзаа на Пилот-проектите со двете земји за побрзи процедури за азил и депортација започнати во март 2023 година.   – Со овие Рамки за соработка, Романија и Бугарија дополнително ќе придонесат за зајакнување на соработката за граничната контрола и миграцијата, како и за заедничките европски напори за зајакнување на безбедноста на надворешните граници на ЕУ и за справување со миграциските предизвици, посочува ЕК.  Фокусот во соработката во овие Рамки е ставен на поддршката на мерките за граничното управување, азилот, системот за враќање на мигрантите и засилената полициска соработка во Шенген зоната. Како дел од активностите за поддршка на имплементацијата на Рамките, Европската комисија најави финансиска поддршка од 85 милиони евра од Инструментот за гранично управување и визи за периодот 2021-2027 година, со цел подобрување на националните капацитети на двете земји на надворешните граници на ЕУ.    Комисијата потсетува и дека беше воспоставена и регионална иницијатива за полициска соработка помеѓу земјите членки на ЕУ низ кои минуваат балканската и источномедитеранските миграциски рути – Бугарија, Романија, Австрија, Грција, Унгарија и Словачка.   – Ова ќе овозможи заеднички и на одржлив начин да се решат и останатите предизвици, вклучително и оние поврзани со прекуграничниот криминал. Бугарија и Романија континуирано демонстрираа високо ниво на посветеност во обезбедувањето соодветна заштита на надворешните граници на ЕУ и постојано делуваа како клучни придонесувачи за внатрешната безбедност на Шенген зоната, додава Еврокомисијата.  Потсетувајќи дека за одлуката за укинување на контролите и на внатрешните копнени граници на Бугарија и Романија со другите земји од Шенген зоната треба да ја усвои Советот на ЕУ, ЕК нагласува дека ќе продолжи да ја обезбедува сета неопходна поддршка со цел таа биде донесена уште во текот на оваа година.

Можете да прочитате

Српската актерка Слобода претепана – пренесена во Ургентен центар во Белград

Поранешниот хрватски министер за здравство пуштен од истражен затвор да се брани од слобода

Масакр во Турција: Ги убил сопругата, детето и родителите, па се самоубил