По добиеното известување на 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) (околу 15.00 часот), дека има пожар високо над село Вешала во Општина Тетово, од Секторот за операции и координација од ЦУК веднаш е стапено во контакт со директорот на Ј.У.Н.П „Шар Планина“, кој по проверката веднаш испратил екипа од три ренџери кон пожарот и известил дека пожарот е на непристапен терен, каде што гори сува трева и папрат.
Како што соопшти ЦУК, местото е далеку од селото Вешала и нема телефонски сигнал, но гаснењето и состојбата се следи со континуираната комуникацијата со надлежните од Националниот парк. Истовремено, од ЦУК се известени и надлежните подружници на ДЗС и МВР.
Потоа на 112 во ЦУК стигна пријава дека има пожар кај село Лисец во Општина Тетово. Во континуирана комуникација со дежурните од Националниот парк „Шар Планина“, е добиена информација дека покрај влезот на селото има голем пожар, каде што горела ниска вегетација и ниви од приватен имот. Интервенирале мештани од селото и тим од двајца вработени од Националниот парк. Од ЦУК е побарана помош од ТППЕ Тетово да интервенира, при што тетовските пожарникари веднаш информирале дека испраќаат екипа со еден соодветен за теренот ПП џип и тим од три пожарникари. Покрај Регионалниот ЦУК, за настанот координативно се известени надлежните подружници на ДЗС и МВР.
Од Националниот парк „Шар планина“, по 17.15 часот, известија дека пожарот што беше во атарот на село Лисец е локализиран од страна на вработените (ренџери) на Националниот парк и мештаните од селото. Но, пожарот над село Вешала се уште е активен, па заради лошиот и непристапен терен и настапување на ноќта вработените од Националниот парк „Шар планина“ се повлечени од терен. Утре, во раните утрински часови, од Националниот парак информираа дека ќе испратат екипа за гаснење на пожарот кај село Вешала.
Од Полициската станица Попова Шапка е добиено известување во ЦУК дека нивна екипа правела увид за пожарот кај село Лисец, Општина Тетово.
Состојбата се следи од ЦУК, а и од институциите Системот за управување со кризи во реонот на пожарите, стои во соопштението.