Американскиот малопродажен и технолошки гигант Амазон повлече повеќе од седум милиони фалсификувани производи од продажба во 2023 година, покажува извештајот објавен денеска.
„Во 2020 година, компанијата формираше оддел за борба против фалсификување, кој досега има поднесено тужби и кривични пријави против повеќе од 21.000 правни и физички лица одговорни за нивната продажба“, рече потпретседателот на Амазон, Дармеш Мехта.
Мерките против фалсификување вклучуваат производи кои требало да влезат во логистичкиот циклус на Амазон и информирање на компаниите и властите за магацините на фалсификаторите, наведе Амазон.
Тие исто така истакнуваат дека сега темелно ги проверуваат продавачите, што ги одвраќа фалсификаторите да отворат нови сметки на нивната платформа. Амазон продава стоки и нуди платформа на други трговци, забележува агенцијата ДПА.
Во 2023 година, според Мехта, тие спречија повеќе од 700.000 обиди за отворање нови сметки на фалсификатори кои имаа намера да продаваат фалсификувани производи. Бројката е значително помала отколку во 2020 година, кога беа блокирани шест милиони обиди.
Во Европа, Амазон, во соработка со германскиот производител на автомобили БМВ, неодамна поведе спор пред судот во Аликанте, Шпанија, надлежен за заштита на трговските марки во ЕУ, со цел да се запре продажбата на фалсификувани делови и опрема на БМВ.
Судот пресуди дека четворица Шпанци се обиделе да продаваат фалсификувани производи на платформата на Амазон во Европа, наредувајќи им на фалсификаторите да ги уништат и да платат отштета на тужителите.