Дел од акциите на Комерцијална Банка денес се тргуваа по 17700 а ова се должи на континуирани позитивни извештаи кои банката ги има во изминатиот период.
Високиот профит кој ќе биде распределен преку дивиденда а и предвидувањата дена следната година ќе биде уште поуспешна посебно по продажбата на Фени ја запалија цената на акциите на Комерцијална банка, која и инаку е најтргувана акција во Македонија.
Комерцијална банка конечно го продаде и имотот на Фени индусти и се најде солиден инвеститор за кавадаречки Еуроникел индустри, кој поради проблеми на поранешните сопственици, влезе во стечај, а Комерцијална банка како најголем доверител, претходно го имаше добиено имотот на овој комбинат, кого јавноста го памети како поранешен ФЕНИ.
Станува збор за моќната турска групација Јилдирим, односно холандски фирми основани од неа, а која е позната по тоа што работи со многу инфраструктурни бизниси.
По долги преговори со сериозен турски инвеститор, Комерцијална банка објави дека склучила договор за продажба на имотот на поранешен ФЕНИ, а сегашен Еуроникел индустри, на фирми кои се основани од холандска холдиннг компанија, а се поврзани со турската групација Јилдирим.
Од продажбата на имотот на ФЕНИ Комерецијална банка ќе инкасира 31,3 милиони евра, а од Нова Рефактори од Пехчево, која исто така им ја продале на турската компанија Јилдирим, банката ќе земе 8,7 милиони евра.
„Комерцијална банка АД Скопје објавува дека на 22.03.2024 година Банката склучи Договори за продажба на имот стекнат врз основа на ненаплатени побарувања од ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ ДОО с.ВОЗАРЦИ КАВАДАРЦИ, НОВА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ КАВАДАРЦИ за износ од ЕУР 31.300.000 и НОВА РЕФРАКТОРИ ДОО ПЕХЧЕВО за износ од ЕУР 8.700.000 без даноци и давачки, со друштва основани од холандската холдинг компанија Polynickel Holding BV, која е дел од групацијaта Yildirim Group. За конечната реализација на трансакцијата потребно е да се исполнат одредени законски и регулаторни барања“, се вели во објавата која Комерцијална банка ја сподели со инвеститорската јавност преку Македонската берза.
Информацијата на фејсбук ја сподели и Градоначалникот Митко Јанчев.
„По залагањето на Градоначалникот Митко Јанчев заедно со Комерцијална Банка АД Скопје за стечајната постапка за Еуроникел Индустри, на 22.03.2024 година се склучи договор за продажба на фабриката Еуроникел Индустри од страна на Комерцијална Банка АД Скопје со компанијата Polynickel Holding BV, која е дел од групацијата Yildirim Group, а преку новоформираната компанија Дабл Игл ДООЕЛ. Општина Кавадарци и Комерцијална Банка се среќни што оваа фабрика за производство на фероникел, по завршување на законските регулативи, ќе започне со производство и пред се ќе ги повлече на работа сите вработени кои беа дел од фабриката, но и сите компании кои се директни добавувачи на фабриката. Општина Кавадарци со Градоначалникот Митко Јанчев и Комерцијална Банка АД Скопје ќе се залагаат според сите правни и законски можности, заедно со стечајнииот управник, преку стечајната постапка на Еуроникел Индустри, да се обештетат вработените и сите останати доверители“, се вели во објавата на градоначалникот Митко Јанчев.
Работниците ова подолго време го очекуваа, а од Комерцијална банка во неколку наврати потенцираа дека водат сериозни преговори со турската групација.
Сумата од 40 милиони евра е сериозен приход за Комерцијална банка, и ова ќе значи сериозно подобрување на нејзината приходна страна, што ќе биде изразено во Билансот на успех за оваа година.