Утрински Весник
Балкан

Партиите во Грција бараат одговорност од Владата за железничката несреќа кај Темпи, по натписот во „То Вима“ за монтирани разговори

20240325084048 Big 730x400 43.webp.webp

Разговорите меѓу одговорните на железничките станици на денот на железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година, објавени тогаш во грчките медиуми биле монтирани за, веројатно, да се зајакне тврдењето дека причината за судирот на двата воза е човечка грешка, објави весникот „То вима“, текст што предизвика низа реакции во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

Лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис побара од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да си поднесе оставка, додека пак преседателот на ПАСОК Никос Андрулакис ги повика опозициските партии да ја поддржат неговата иницијатива за доставување предлог за гласање недоверба на Владата. 

Веднаш по несреќата во медиумите беа објавени аудиозаписи од разговорите меѓу одговорните на железничките станици, според кои надлежниот од станицата во Лариса дал наредба патничкиот воз да тргне на погрешна пруга што резултираше со директен судир со товарниот. 

Меѓутоа сега, „То Вима“ пишува дека согласно новите документи на форензичките лаборатории на грчката полиција до кои дошол весникот, покажуваат дека наредбата на одговорниот на железничката станица во Лариса, „возот да тргне во наводна „погрешна насока“ не се однесуваше на фаталниот воз – како што беше претставено на 1 март 2023 година во монтираниот аудио документ – туку на локалниот воз кој се движел нормално!“. 

Владиниот портпарол Павлос Маринакис, коментирајќи го текстот во весникот, рече дека целиот материјал, вклучително и аудиозаписите се во рацете на правдата, демантираше какво било менување на разговорите и истакна дека опозициските партии водат „антивладина кампања со искористување на националната трагедија и болката како дел од напорите за дестабилизација на самата земја“. 

Можете да прочитате

Српската актерка Слобода претепана – пренесена во Ургентен центар во Белград

Поранешниот хрватски министер за здравство пуштен од истражен затвор да се брани од слобода

Масакр во Турција: Ги убил сопругата, детето и родителите, па се самоубил