Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, денеска учествуваше на состанокот организиран од Светската здравствена организација на којшто петте земји од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија ја прифатија заедничката Декларација за заштита од тутунски чад. Документот е одобрен и поддржан од СЗО Европа и содржи низа конкретни чекори за намалување на високата распространетост на употребата на тутун во регионот на Западен Балкан, нагласувајќи го правото на секоја индивидуа да дише чист воздух.
Во своето излагање пред останатите министри, д-р Манолева потенцираше дека се препознава критичната важност на координирана регионална акција во контролата на тутунот и дека целосно сме посветени на соработката со нашите регионални партнери за зајакнување на мерките за контрола на тутунот и заштита на здравјето на нашите граѓани.
„Непобитна е итната потреба за акција. Нашите неодамнешни студии на случај за инвестиции во тутунот и бихејвиоралните студии за однесувањето на населението кон пушењето, спроведени со поддршка на СЗО во 2023 година, открија алармантна статистика. 45,4 % од нашата возрасна популација пуши цигари, што е значително повисоко од просекот во регионот на СЗО за Европа од 25 %. Над 5.000 граѓани во Северна Македонија годишно ги губат своите животи поради болести поврзани со тутунот, што претставува речиси 25 % од сите смртни случаи. Во 2019 година, тоа значеше дека речиси 6.000 лица починаа и речиси половина милион години живот беа изгубени поради тутунот, ставајќи значителен товар врз нашиот здравствен систем и економија“, рече Манолева.
Таа посочи дека економското влијание на употребата на тутунот во Северна Македонија е запрепастувачко, што ја чини земјата 38 милијарди македонски денари (МКД) годишно, што е еквивалентно на 5,6 отсто од нашиот бруто домашен производ во 2019 година.
Состојбата е загрижувачка и за целиот регион на СЗО Европа којшто има најголема распространетост на употреба на тутун во светот, надминувајќи 23% до 2030 година.
„Неодамнешните трендови се алармантни и покажуваат јасна склоност кон подлегнување на влијателните тактики на производителите на тутун. Владите се соочуваат со сериозен опонент олицетворен во индустријата за тутун, која користи економски притисок и тактики за да ги подрие нашите напори. Мора да се справиме со овој предизвик. Мораме да останеме одлучни во спротивставувањето на такви тактики, а тоа ќе го сториме со помош на силни политики кои ќе ја ограничат употребата на тутун“, рече д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
„Инвестирањето во деветте клучни точки на Рамковната Конвенција на СЗО за контрола на тутунот сега може да спречи речиси 12.300 смртни случаи и избегнување на 131 милијарда денари здравствени трошоци и економски загуби до 2038 година. За секој денар инвестиран во деветте акции на политиката за контрола на тутунот на СЗО денес,
Северна Македонија ќе добие повратни 19 денари од избегнати трошоци и економски загуби до 2038 година. Овие инвестиции не се само морален императив, туку и економски издржани. Охрабрени сме од силната поддршка на јавноста за сеопфатни мерки за контрола на тутунот. Бихејвиоралните студии спроведени со помош на СЗО од 2023 година, покажуваат дека мнозинството од нашите граѓани ги поддржуваат политиките против пушење во кафулињата и рестораните (56 проценти) и на работните места (68 проценти). Ова ја покажува подготвеноста за промени и ја нагласува важноста од спроведување на сеопфатни мерки за контрола на тутунот во Северна Македонија“, изјави Манолева.
Манолева потенцираше дека Северна Македонија останува посветена на преземање решителни активности за намалување на употребата на тутун, заштита на јавното здравје и создавање средини без пушење.
„Со прифаќање на Декларацијата на министрите за здравство на земјите од Западен Балкан за заштита од чад од тутун, ја потврдуваме нашата посветеност на благосостојбата на нашите граѓани и нашата решеност да изградиме поздрава иднина за сите. Ја упатувам мојата искрена благодарност до Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и д-р Ханс Клуге за свикувањето на овој состанок на високо ниво за контрола на тутунот во земјите од Западен Балкан и за воспоставувањето на подрегионална платформа за зајакнување на имплементацијата на политиките за контрола на тутунот во земјите од Западен Балкан“, изјави Манолева.
Некои од најзначајните мерки наведени во декларацијата, се:
1. Забрана на пушење – ќе се разработи и спроведе целосно законодавство за зони без чад и аеросол.
2. Засилена правна примена – постоечките закони за контрола на тутунот ќе бидат засилени со робусни мерки базирани на докази.
3. Јавна свесност – преку образовни програми и кампањи ќе се истакнат опасностите од употребата на тутун и предностите на животна средина без чад.
4. Робусен надзор – ќе се востанови систем за надзор и процена на политиките за средина без.
Покрај тоа, декларацијата повикува и на востановување платформа за размена на информации и заеднички активности кои ќе ја поддржуваат соработката и споделувањето на земјите во Западен Балкан за да се справуваат со заедничките предизвици.