Утрински Весник
Македонија

Европски награди за 3 македонски драмски автори 

Eurodram L01.jpg

Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“ го соопшти изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2024 година. Меѓу нив се и три необјавувани и неизведувани драми на македонски јазик: „Празни“ од Ева Камчевска, „Параходот замина“ од Блаже Миневски и „Парови“ од Ана Трпеноска.

Во конкуренција на 1115 пријавени дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици се најдоа и 13 текстови напишани на македонски јазик. Изборот го направија членови од 18 посебни јазични комитети на „Еуродрам“. Во Македонскиот комитет на „Еуродрам“, кој го направи изборот на македонски драми, се: Иван Додовски, писател и универзитетски професор на Универзитетот Американ колеџ Скопје (претседавач);  Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и универзитетска професорка на Институтот за ориентални јазици и цивилизации од Париз; Александар Зицман, преведувач и универзитетски предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Катерина Коцевска, актерка и драмска писателка од Скопје.

Првонаградениот текст „Празни“ од Ева Камчевска е тинејџерска драма што го отвора проблемот на злоупотребата на приватноста преку социјалните медиуми. Ева Камчевска (1983) дипломирала на отсекот драматургија и сценарио на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а во 2015 година се усовршувала во Ванкувер, Канада за пишување сценарија за филм и ТВ. Напишала сценарија за три краткометражни и еден долгометражен филм. Нејзината пиеса „Во џунглата на цревната флора“ е читана во Манчестер, Англија, а со неа учествувала и на театарска работилница во Грожњан, Хрватска. Пиесата „Био-саат“ е објавена како е-книга од Македонскиот центар на ИТИ. Во 2022 година ја објавила книгата  „Две драми“.

Второнаградената драма „Параходот замина“ од Блаже Миневски е „фрустрирана бајка со траги-комични последици“, која низ седумнаесет лика во дваесет сцени ја отвора темата за емиграцијата, промената на идентитетот, за носталгијата и за патриотизмот во услови на виртуелна реалност. Блаже Миневски (1961) е прозен и драмски автор, добитник на наградите „Стале Попов“, „Роман на годината“, „Рациново признание“, „Војдан Чернодрински“ и „13 Ноември“. Неговите драмски текстови „Крик“, „Лулка“, „Женски прилог за ноќта“, „Подготовки за добра смрт“, „Третиот чин“ и „Лет над кандидатското гнездо“ се играни во македонските професионални театри и како премиери на Охридско и на Скопско лето. За драмата „Немушт јазик“ ја добил наградата на МНТ за најдобар драмски текст во 2001 година.

Третонаградениот текст „Парови“ од Ана Трпеноска на трагикомичен начин зборува за лажниот морал во современото општество, за животот и осаменоста во заедница и за проблемите со кои партнерите се соочуваат секојдневно, останувајќи немоќни да  ги променат работите. Ана Трпеноска (1984) дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек драматургија. Нејзиниот дипломски текст „Големите очекувања“ бил поставен на сцената на МНТ во 2007 година и бил избран за учество на Фестивалот за нова европска драма во Визбаден. За драмата „5:17“ добила меѓународно признание од ИТИ Унеско во 2014 година, а игран е на Форумот за современа драматика во Атина. На сцената на МНТ, во 2014 година е праизведена нејзината драма „Да тргнеме, Сењор!“. За драмата „Јас, на некое друго место“ Трпеноска ја доби втората награда од „Еуродрам“ во 2022 година.

„Еуродрам“ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови – театролози, критичари, драмски автори, преведувачи, режисери – организирани во 27 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на „Еуродрам“ избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и сценско изведување.

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим