„Уставот, како највисок правен акт, е нашиот водич за практикувањето на демократијата, за заштитата на темелните вредности на уставниот поредок, за почитување на принципот на поделба на власта, за владеење на правото, за заштита на правата на граѓаните и оттука Уставниот суд неговата улога во правниот и политички систем е неприкосновена“, порача во своето обраќање претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, по повод одбележување 60 години од формирањето на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Тој потенцираше дека доколку сакаме да имаме правна држава и доследно владеење на правото не смее да има нарушување на принципот на поделба на власта, бидејќи тоа директно води кон намалување на довербата во правосудниот систем.
„Верувам и сум силно убеден дека најголемиот дел од вработените во правосудниот систем, се врвни професионалци, експерти во својата област, одлуките ги носат во согласност со словото на законот, целосно самостојно без да дозволат какви било интервенции или влијанија. Затоа сите ние, а особено правосудната фела не смееме да дозволиме само поради неколку индивидуалци кои работат за свои лукративни или други интереси, да се кријат зад колективот и зад целата судската фела. Не може и не смее неколку скапани плодови да го затрујат целиот правосуден систем, во кој и во минатото и денеска вложуваме, за да обезбедиме просперитетна и стабилна иднина“, оцени Митрески.
Тој изрази задоволство што денешниот јубилеј Уставниот суд го дочекува во полн состав, имајќи предвид дека во последнава година, во одреден период беше загрозено неговото функционирање.
Митрески се осврна и на темата која беше во фокус на денешната Меѓународна конференција, „Уставно судската заштита на слободата на мислата и на слободата на јавното искажување на мислата“ и нагласи дека во едно демократско општество на јавно искажаниот став, на критиката треба да гледаме како на додадена вредност која може само да го унапреди политичкиот систем.