За прв пат од јануари 2023 година, компанијата „Тесла“ испадна од листата на 10-те најголеми американски компании по пазарна капитализација бидејќи нејзините акции паднаа за 2,3 отсто на помалку од 176 долари по акција.
Вкупната вредност на компанијата „Тесла“ на тој начин падна на 562,2 милијарди долари, пишува Волстрит џурнал. Десеттото место на листата на највредни американски компании го зазеде компанијата „Виза“ наместо „Тесла“, бидејќи нејзините акции вчера скокнаа за 0,4 отсто, на повеќе од 280 долари по акција.
Пазарната вредност на компанијата „Виза“ на тој начин се зголеми на 563,4 милијарди долари. Акциите на „Тесла“ паднаа за 29 отсто од почетокот на годината, што ја намали вредноста на компанијата за 238 милијарди долари.
Најголем губитник за оваа година меѓу американските компании моментално е „Епл“ бидејќи неговата пазарна вредност во 2024 година падна за 383 милијарди долари.